Пионерите на турнирот во Србија останаа без бодови по првиот ден

Првиот ден на турнирот „Трофеј на Белград", нашите најмлади ракометари одиграа два натпревари, но не успеаја да им ги земат бодовите на повозрасните кадетски екипи на Мокерц Киг од Словенија и на Партизан од Србија. Екипата на Зоран Петковски денес во 12.50 часот игра против екипата на Јуниор од Белград.

Првиот натпревар против словенскиот Мокерц црвено – црните одлично се држеа, и иако на полувреме имаа предност од 9 : 7, на крајот загубија со минимален пораз од 15 : 16. Првото полувреме Вардар го контролираше резултатот и независно на разликата во возраста успешно одржуваше предност од 1 до 3 голови. На полувреме заминаа со два гола предност. Во вториот дел противникот успеа да израмни на 11 : 11, по што Вардар се врати со предност од 14 : 13. Сепак тоа не беше доволно да се одржи предност до крајот на натпреварот на кој бодовите ги освои противникот.

Најмногу голови од екипата на Вардар постигна Никола Анакиевски - 4 голови, додека Матеј Трајановски - 3, Александар Стојменов – 3, Виктор Трифуновски - 2, Марио Стојановски - 1, Христијан Петковски – 1 и Георгиј Спасовски – 1 гол.

Многу потешка битка вардарци водеа против екипата на Партизан, која победи со 18:14. Разликата во возраста меѓу противниците на овој натпревар беше позабележителна, но црвено – црните не се предаваа. Партизан во текот на целото полувреме имаше предност, која на крајот од првото полувреме вардарци ја намалија на два гола за резултат од 7 : 9. По паузата црвено – црните успеаја на два пати да ја намалат разликата на еден гол за 8 : 9 и за 9 : 10, но Партизан повторно резултатски се одлепи и до крајот одржуваше предност од 4 голови.

По 2 гола на натпреварот постигнаа Стефан Ристевски, Андреј Петрушевски, Матеј Трајановски, Александар Стојменов и Никола Анакиевски, а по 1 гол имаа Марио Стојановски, Мартин Сипковски, Христијан Петковски и Георгиј Спасовски.

сабота, 28 декември 2019 - 11:06