Петто СЕХА финале за Вардар

Вардар по петти пат ќе игра во финалето на Ф4 на СЕХА лигата, откако во полуфиналето го победи ППД Загреб со 36-28 (19-12). Со ова вардарци станаа најуспешниот тим во СЕХА лигата во досегашните 6 изданија на Ф4 турнирите на регионалното натпреварување.

Во финалниот натпревар Вардар за противник ќе го има победникот од натпреварот меѓу Веспрем и Мешков. Вардарци имаат два трофеи досега во СЕХА лигата, и заедно со Веспрем се најдобрите тимови според бројот на освоени трофеи.

Од самиот почеток вардарци покажа дека се подготвени за ова полуфинале. Одбраната на Вардар беше добра, иако голманите имаа само една одбрана, онаа нa Штербик во 17 минута. Натпреварот го почна Страхиња Милиќ кој неколку топки ги имаше во раце, но тие сепак завршија во мрежата. Имавме проблеми со пивотменот Игор Вори, бидејќи речиси секоја топка што ќе стигнеше до него беше или гол или пенал.
Дека ние играме агресивно, машки и цврсто во одбрана покажува и фактот дека Хрватите имаа четири седмерци, што сите ги реализираше Златко Хорват. Ние пак првиот пенал го изведовме во 29 минута. И во однос на исклучувањата имаше предност за ППД Загреб, чии ракометари дури осум минути играа со бројчана предност. Првото исклучување за ППД загреб беше во 30 минута.

Веќе по 10 минути играње го приморавме гостинскиот тренер Славко Голужа да побара тајм аут. Вардар водеше со 5-2 и таа предност од 3-4 гола се задржа во најголем дел од првото полувреме. Раул Гонзалез често ја „мешаше„ седморката на теренот барајќи го најдобриот состав во напад. Реализацијата беше одлична, со само три промашени шутеви. Вуко Борозан предничеше со 6 гола од 6 обиди. Од 20 до 28 минута Вардар искористи неколку доби шанси во контра, па поведе со 17-11. Тоа беше период во кој изгледаше дека е сршен отпорот на ППД Загреб, и до крајот водството го зголемивме на 19-12.

Во второто полувреме Вардар ја одржуваше предност од 6-7 голови, иако во еден момент ППД Загреб намали на 25-20. Потоа Вардар повторно заигра добро и имавме и „плус 9" за водство 32-23, а потоа уште неколкупати стигнувавме до оваа предност.

 Статистика од натпреварот - statistika_vardar_-_ppd_zagreb.pdf

петок, 7 април 2017 - 19:09