Парондо: Важно е дека победивме

Победата над хрватскиот вицешампион Нексе од Нашице со 31-26 на натпреварот од осмото коло во регионалната СЕХА лига ни ги донесе потребните три бода за Вардар да се врати на курсот кон Ф4 турнирот од регионалната лига. Тренерот Роберто Парондо потенцираше дека најважна за тимот на мечов беше победата, иако тимот не се претстави во најдобро светло.

„Најважното е што победивме и освоивме значајни бодови. Не беше ова наш најдобар меч сезонава. Не е лесно да се игра натпревар со незгоден тим како Нексе, особено по тешкиот дуел со Брест Мешков, а пред Барселона", рече Парондо.

Иван Чупиќ, кој на мечот двапати ја затресе мрежата од седум метри изјави:

„Победивме и тоа денеска беше најважно. Нексе се бореше максимално. Се трудеше да игра агресивно и често ја менуваше зоната. Имавме проблеми бидејќи се соочивме со одличен голман на противникот. Сепак, на ваквите мечови искуството доаѓа до израз и тоа го одлучува исходот. Мораме да продолжиме со работа и сигурен сум дека ќе бидеме далеку подобри како ќе поминува времето", изјави Чупиќ.

На следниот натпревар во СЕХА, на 28 ноември, Вардар игра против Извиѓач.

среда, 7 ноември 2018 - 00:46