Парондо: Секогаш сме спремни на нешто ново од Загреб

Вардар и ППД Загреб се „стари пријатели" во ракомените дуели, а покрај средбите во регионалната СЕХА Газпром лига двете екипи сезонава ќе се сретнат и во ЕХФ Лигата на шампионите. Викендов во Загреб се игра првиот натпревар од осмина-финалето на ЛШ, што исто така е прогласен за меч на неделата.

ППД Загреб и Вардар во европските купови досега се сретнале десет пати. На последните четири натпревари од ЛШ, „црвено-црните" трипати победуваа. На вкупно четири натпревари Вардар победувал, а петпати подбра бил ППД Загреб.

Со оглед на тоа што двете екипи добро се познаваат и сезонава играа меѓусебе двапати веројатно е тешко да се смисли нешто ново што би било изненадување за противникот.

„ Секогаш очекуваме нешто ново. Кога е само еден меч, тогаш се фрла се на тој натпревар. Работиме и ние, се подготвуваме, но не е исклучено дека ќе има нешто плус, и од страна на нашиот ривал, вели Роберто Парондо, тренерот на Вардар.

„Црвено-црните" се фаворити на ова средба со оглед на фактот што завршија кајо третопласирани во група А од Лигата на шампионите. Исто така и во регионалната СЕХА лига Вардар заврши на првото место пред ППД Загреб.


 

„Нормално е да има притисок зашто сакаме да играме во четврт-финалето на ЛШ. Сега не смееме да имаме грешка. и мораме да бидеме подобри од Загреб, вели Парондо.

За Загреб отпатуваа сите што досега беа во тренажен процес, освен Сергеј Горбок и Владо Недановски. Во екипата се враќа и Вуко Борозан. Вардарци тренираа во Скопје и заминаа за Загреб каде утревечер го играат натпреварот.

петок, 22 март 2019 - 13:30