Парондо: Одигравме тежок натпревар, но важно е дека победивме

Вардар ја задржа лидерската позиција во СЕХА Газпром лигата откако ја прослави десеттата победа во лигата оваа сезона против Татран со 23 : 21. Тренерот на Вардар Роберто Парондо по мечот изјави дека промената во играта на Вардар во второто полувреме го одредија победникот, но иако не е многу задоволен од покажаното во првите 30 минути, битно е дека имаме уште една победа.

„Татран одигра добар натпревар и покажа дека е квалитетен тим. Се надевам дека гледачите во салата и пред ТВ екраните уживаа во она што можеа да го видат зашто и за двата тима одиграа добар натпревар. Ние не одигравме најдобро во текот на првото полувреме. Во овој период од средбата ни недостигаше интензитет и фокус во мечот. Потоа беше поинаку. Вториот дел донесе подобра игра, а морам да им се заблагодарам на моите ракометари за покажаното во тој дел од мечот. Имавме проблеми со играта во одбрана и тоа ни се одрази врз резултатот. Се соочивме и со проблеми бидејќи двајца од ракометарите кои играат во центарот на одбраната се повредија за време на натпреварот. Но сепак во вториот дел од натпреварот ракометарите дадоа сѐ од себе и најважно е дека се изборивме за уште една победа", рече Парондо.

Димитар Кисељев е задоволен и од играта и од резултатот.

„Денеска одигравме многу тежок натпревар, беше нерешено до крајот, и во првото и во второто полувреме. Натпреварот беше добар за публиката и добро е што победивме, ова беше важен натпревар", рече Кисељев.

среда, 12 декември 2018 - 23:05