Парондо: Бевме уморни и промашивме многу удари

Вардар по вторпат сезонава е поразен на домашен терен во лигата на шампионите. Одамна го имаме осигурано местото во осминафиналето на ЛШ, а сега е потребно да бидеме што е можно повисоко на табелата за да имаме „полесен" пат во следната фаза.

Во мечот на неделата, Веспрем победи со 29-27, и се реваншираше за поразот што го доживеа од Вардар лани есента во Унгарија.

Роберто Парондо - тренер на Вардар

„Веспрем одигра одличен натпревар. Ја посакувавме победата, но не успеавме. Одигравме добро прво полувреме, ја загубивме предноста во вториот дел и тие во финишот беа подобри. Миклер беше одличен на крајот, се обидовме да се подобриме, но промашивме многу удари. Бевме уморни, се обидовме да парираме, но тие имаа повеќе свежина кога требаше".

Сташ Скубе - играч на Вардар

„Видовме две различни полувремиња. Ние доминиравме во првиот дел, а во вториот дел Миклер беше одличен. Друга работа е што имаме многу проблеми, имаме и малку бекови, не би сакал со тоа да ја намалам победата на Веспрем, но треба да се концентрираме на последните два меча. Можеме да бидеме во тој случај сигурно трети а може и повеќе. Не е трагично да се загуби од Веспрем, но боли начинот на кој загубивме"


Давид Дејвис - тренер на Веспрем

„Многу убав ден е ова за мене. Драго ми е што се вратив во Скопје. Тука поминав 4,5 години и драго ми е што овие два дена поминав одлично. Се видов со многу пријатели и беше фантастично. Одигравме тешка средба. Ова е само втор пораз за Вардар на домашен терен. Сакавме да победиме денеска. Вардар играше одлично во првите 30 минути. Ние направивме многу грешки. Голманите не одиграа како што треба, но во вториот дел дојде до израз ростерот. Заморот го стигна Вардар, па тоа придонесе за разлика на теренот.

Дејан Манасков - играч на Веспрем

„Секогаш е тешко да се игра во Скопје и тоа го потврди и тренерот Дејвис. Одигравме навистина тежок натпревар против Вардар. Во првите 30 минути не бевме на потребното ниво и не одигравме воопшто добро. За време на паузата имавме долг разговор, тоа ни даде и повеќе мотив. Второто полувреме го одигравме со многу поголема дисциплина и според она што го прикажавме заслуживме да победиме".

сабота, 16 февруари 2019 - 20:55