Откажан настапот на турнирот во Кањижа

Планираниот настап на турнирот во Кањижа, Србија кон крајот на месецов е откажан поради епидемиолошките состојби кај нашиот сосед. Таму беше планирано да настапи и Вардар 1961.

Покрај нашиот клуб на истиот турнир требаше да играат и НЕКСЕ и ПИК Сегед. Сега по откажувањето на турнирот тренерот Стевче Алушовски ќе може да ја воигрува екипата единствено на турнирот во Струга што е планирано да се одржи од 12 до 16 август.

Истовремено Алушовски размислува и за договарање на уште неколку дополнителни контролни натпревари овој месец. На 29 август е планирано во Скопје да се одигра реванш четвртфиналниот натпревар од СЕХА Газпром лигата со НЕКСЕ. Тоа е заостанат меч од минатата сезона, а победникот од тој двомеч ќе игра на завршниот турнир на Ф4 планиран за почетокот на септември во Задар, Хрватска.

„Ние се подготвуваме и го очекуваме тој натпревар. Засега нема други најави и ја темпираме формата за тој натпревар и за Ф4 турнирот, вели Алушовски.

Екипата тренира во Скопје каде ќе остане се до заминувањето за Струга.

понеделник, 3 август 2020 - 13:50