Одбраната на европската титула ја почнавме со победа во Монпелје

Во првото коло на ЕХФ лигата на шампионите освоивме два бода на гостувањето во Франција, 33-31

Трет натпревар по ред против Монпелје во лигата на шампионите завршува со триумф на Вардар. овојпат од Франција се враќаме со победа од 33-31, почнувајќи ја одбраната на титулата на ист начин како лани. И тогаш тргнавме со меч од Франција и победивме. Разликата овојпат беше во различниот состав и во поголемиот број на постигнати голови. Вардар покажа дека игра 60 минути без разлика кој е резултатот. Се чека секоја шанса, секоја топка и се бори за секој сантиметар од теренот.

Знаевме дека ќе биде тежок натпревар, а им овозможивме на навивачите да уживаат во борба и добра ракометна мајсторија од двата тима. Во меѓусебните пресметки на Вардар и Монпелје во последните пет години поуспешни се „црвено-црните". На оедум натпревари, шестпати победувал Вардар, еден меч завршил со реми а единствениот пораз го имаме од Французите на Ф4 турнирот во Келн во сезоната 2017/2018.

Вардар е далеку најдобра машка ракометна екипа од Македонија. Триумфот во Франција беше наш 70-ти во групната фаза од ЕХФ лигата на шампионите. На вечната листа на ЕХФ, Вардар е на 14. место со 143 одиграни натпревари и процен на успешност од 54 отсто.

Од самиот почеток домашните ракометари поведоа и така беше до средината на првиот дел кога Вардар искористи неколку грешки на Монпелје и поведе со 12-10. Трпеливо ги чекавме шансите, ги „работевме" акциите. Но, ова беше натпревар каде секое опуштање се казнува. Секоја грешка значи и гол во мрежата. Така Монпелје „врза" серија од 4-0 и поведе со 14-12. До крај се играше така, иако ние имавме шанса да израмниме. Важно беше што не дозволивме ривалот да се одлепи, покажавме дека можеме да играме, и да водиме. Ни требаше само континуитет.

Но, во второто полувреме домашните пак избегаа на „плус 3" за водство 20-17. Вардар никогаш не се предава, ја игра својата игра, ја чека шансата. Полека најмалуваше, и во 43 минута поведе со 25-23. Неизвесноста беше загарантирана, а требаше да се издржи уште една четвртина. И повторно имавме лош пефиод без постигнат гол, а противникот направи серија. Се беше слично као во првото полувреме, Вардар пак направи пресврт и поведовме со 30-29.

Крајот се ближеше а Вардар имаше предност. Шишкарев пресече една топка и изнуди и склучување, а потоа Скубе со гол зголеми на 31-29. Веќе се беше решено, но остануваше уште да се заврши рутински мечот.
И заслужено се радувавме на победата..

Давид Писонеро -тренер на Вардар

„Одигравме навистина тежок натпревар. Во првиот дел одбраната не беше на нивото на кое ние сакавме, а нападот беше коректен, бидејќи дадовме 16 гола. Во вториот дел се подобривме и успеавме да дојдеме до посакуваниот триумф. Имавме и неколку лесни голови преку брзи контри и задоволни сме од резултатот. Не е лесно да победиш на овој терен. Задоволен сум од победата.

Кристијан Дисингер - играч на Вардар

„Во првото полувреме и двата тима имаа многу грешки. Посебно ние во одбраната, затоа што му овозможувавме многу простор на домашниот тим. Примавме лесни голови, а на спротивната страна го немавме тоа. Во вториот дел тоа се смени, игравме подобро. Среќен сум што победивме тука. Сите знаат колку е тешко да се победи на овој терен"

 

Монпелје - Вардар 31-33 (17-16)

Монпелје: Шего, Портнер, Жородо, Симоне 5, Вилемино3, Дескат 5, Гребил 1, Чковребадзе, Бос, Петерсон 3, Ричардсон 2, Порт 7, Лене 3, Афгур, Брито Дуарте 2.

ВАРДАР: Гедбан, Кугис, Кукуловски, Димитриоски, Кристопанс 2, Карапалевски, Сикошек Пилко, Дисингер, Атман 4, Скубе 7, Калараш 4, Чупиќ 4, Дибиров 6, Горбок, Шишкарев 5, Горпишин 1.

 

сабота, 14 Септември 2019 - 20:57