Од „готово - вересија“, во неверојатна завршница останавме без бодови во Загреб

Во петтиот натпревар во Б групата од лигата на шампионите, Вардар загуби во Загреб, 27-28, иако на полувреме водевме со 17-12. Ја прекинавме серијата од 12 натпревари без пораз и 11 мечеви со триумф.

Бевме блиску до нов триумф, петти по ред во лигата на шампионите, но во последните десет минути од натпреварот падна концентрацијата во играта, се прифати брзата игра на домаќините , го разбранивме домашниот голман Стевановиќ и не се снајдовме под налетот на разиграните загребчани. Можевме да се вратиме барем со бод, но среќата ни го сврте грбот на крајот. Во последните 30 секунди, Алекс Душебаев прво ја погоди стативата на противничкиот гол, а потоа во последната секунда од далечина неговиот удар гоодбрани голманот Стевановиќ.

Бевме во водство од 9. до 55. минута на натпреварот, и во последните четити минути се урна се она што го создававме на натпреварот. Кога Загреб во 55 минута по вторпат на средбата имаше водство, не дозволи потоа да го испушти. До овој натпревар имавме серија од 11 мечеви со победи, четири во лигата на шампионите. Бевме на чекод до подигање на летвичката на повисоко ниво, на пет победи по ред што на ниту една македонска машка екипа досега не и успеало во ЛШ.
Вака остануваме на осумте бодови по петте одиграни натпревари. Остануваме во игра за првото место во групата што би значело да го скокнеме осминафиналето и да играме директно меѓу најдобрите осум во ЛШ.

Почетокот на натпреварот навестуваше дека ги имаме сите предуслови за освојување на бодови. Брзо поведовме со 3-1, на што Загреб возврати со серија од 3-0. Но, од тој момент почна и уште подобрата игра на Вардар, и не му дозволивме на домаќинот да поведе, туку само да израмни. Во периодото од 20. до 27. минута следуваше уште подобра игра и серија со која поведовме 14-11. Последните три минути од првиот дел донесе користење на секоја шанса за гол, па Душебаев и Борозан погодина за наше убедливо водство од 17-12. На одмор можевме да одиме поопуштени.

Загреб се врати на теренот во второто полувреме помотивиран, со поангажирана игра што им донесе намалување на резултатот на 18-20 најавувајќи дека нема да се откажат од намерата да освојат бод. Тајм аутот што го побара Раул Гонзалез донесе резултат и ја вративме предноста од „плус 5", 23-18 водство во 40 минута. Имавме уште подобра шанса да го „скршиме" домаќинот, но контрата на Тимур Дибиров на одбрани голманот Стевановиќ. Тоа беше моментов кога тој ќе се разбрани, и потоа се потешко ќе можеме да го совладаме.
Загреб правеше се да ја намали разликата, и стигна до 23-24 во 45 минута. Но, вториот тајм аут на Вардар повторно беше валоризиран со голови, па Шишкарев и Дибиров погодина со играч повеќе и имавме водство од 26-23. Во таа 50. минута како да застана нашаиот напад, а одбраната имаше доста пукнатини. Некои топки и прелесно доаѓаа до рацете на напаѓачите на Загреб, оние одбиени и веќе видени како загубени. Пет минути подоцна Загреб повторно израмнува, 26-26. Па поведува со 27-26, а ние имаме шанса да израмниме преку пенал, но Дибиров не го реализираше, зашто Стевановиќ беше едноставно несовладлив.
Шансата да обезбедиме барем бод ј апрошпуштивме во последните две минути кога имавме четири напади за гол, Марсениќ, Борозан и двапати Душебаев. На крајот им овозможивме на домаќините славје, и враќање во игра, иако беа на работ на пораз. Наместо тие, ние тагувавме по мечот.

Во следното коло во ЛШ, сме домаќини на Кјелце на 12 ноември во Скопје.
Утре во Нашице играме натпревар од СЕХА лигата против Нексе.

ППД Загреб - Вардар 28-27 (12-17)

ППД Загреб: Ереш, Контрец 2, Вори 1, Стевановиќ, Цингесар 1, Шебетиќ 4, Марковиќ 7, Скок, Раковиќ, Хорват 4, Ј. Валчиќ 2, Јотиќ 2, Т.Валчиќ, Мандалиниќ 4, Миклавчиќ, Маркоски.

ВАРДАР: Штербик, Стоилов, Милиќ, Рожерио, Македа 2, Деревен 2, Карачиќ, Душебаев 5, Абутовиќ, Кањељас 1, Циндриќ 3, Чупиќ 4, Дибиров 4, Шишкарев 1, Борозан 3, Марсениќ 2.

 

сабота, 22 октомври 2016 - 22:19