Очекувана и лесна победа против Војводина

Вардар очекувано и лесно ги освои трите бода на дуелот од СЕХА Газпром лигата против Војводина со триумф 37-22 (17-13) зацврстувајќи се на првото место на табелата, оставајќи го српскиот првак на делба на последното место.

За Вардар ова беше 15 победа по ред во СЕХА лигата, и 14-ти триумф во 2017 година во регионалното натпреварување. „Црвено-црните" на табелата имаа 27 бода, девет повеќе од второпласираниот Мешков.

Тренерот Раул Гонзалес најави дека ќе има промени во екипата на Вардар па од самиот почеток шанса за играње добија Мартин Поповски, Владо Недановски и голманот Даниел Ѓорѓески. Само во првото полувреме Ѓорѓески имаше 12 одбрани, а двете крила, Недановски и Поповски заедно постигнаа 8 гола од 10 обиди.

Како и што се очекуваше немаше незизвесност. Вардар играше онолку колку му требаше да одржува предност и да не им дозволи на гостите да помислат дек аможат нешто да направат. Разликата од 4-5 гола беше константна во текот на целото прво полувреме. На двапати имавме и плус 6 гола предност (16-10 и 17-11). Средбата со Војводина за нас беше контрола пред македонското дерби со Металург во сабота во СЦ „Јане Сандански".

Второто полувреме го почнавме со максимална концентрација и брзо се вративме на предноста од шест гола. Двапати потоа имавме и плус 7, а во 42 минута Мартин Поповски зголеми на 24-16.
Иако играа во најголем дел од средбата оние ракометари што помалку добиваат шанса, сепак комбинираниот тим на Вардар беше пресилен за Војводина. Така во 47 минута веќе имавме „плус 10" и водство 28-18.

Надежите на гостите дека можеби ќе бидат еден од ретките тимови во СЕХА што заминале со помалку од десет голови разлика сепак не се остварија. Вардар триумфираше со „плус 15".

Вардар - Војводина 37-22 (17-13)
ВАРДАР: Штербик, Ѓорѓиески, Стоилов, Недановски 4, Поповски 10, Криштопанс 2, Мораеш 6, Македа 3, Кањељас 2, Циндриќ 2, Чупиќ, Дибиров, Шишкарев, Борозан 4, Војводиќ 3, Марсениќ 1.

вторник, 5 декември 2017 - 18:57