Нова градска пресметка во СЕХА лигата

Со натпреварот против Металуг вечерва (20,15 часот - СЦ „Борис Трајковски") почнува вториот дел од сезоната во регионалната СЕХА Газпром лига. Вардар гостува кај градскиот ривал а до крајот на календарската година ни остануваат уште натпреварите со Железничар, Татран и Стеауа. Вкупно треба да се одиграт 18 натпревараи пред завршниот Ф4 турнир.

Традицијата во СЕХА Газпром лигата во дуелите меѓу Вардар и Металург е на страната на „црвено-црните". На последниот меѓусебен натпревар одиран на 29 август нашите момци победија со 34-28. На деветте мечеви од регуларниот дел на сезоната во СЕХА досега, имаме серија од седум триумфи по ред.

На табелата Вардар е на делба на второто место со 21 бод, исто колку и Татран и Нексе, но нашиот тим има и еден меч помалку. Со триумф ќе се искачиме на делба на првото место и ќе бидеме поблиску до место на Ф4 турнирот.

По завршувањето на обврските во ЕХФ Лигата на шампионите каде ќе презимиме на второто место сега ни остануваат мечевите во СЕХА лигата. Без оглед на ситуацијата на табелата овие градски натпревари секогаш биле интересни. металург во моментов е на претпоследното место со само четири освоени бодови.

Роберто Парондо - тренер на Вардар
„Секогаш кога играме со Металург може да се случи нешто неочекувано бидејќи тоа се дерби средби. Тоа се два тима кои се големи ривали и сите знаат дека тоа е повеќе од обичен натпревар. Очекуваме добра атмосфера и верувам и гледачите ќе уживаат во мечот. Според мене најважно е Скопје да има два навистина добри клуба.

Даинис Криштопанс - играч на Вардар
„Се подготвуваме за Металург како и за секој друг натпревар. Сакаме да одиграме добар натпревар и сакаме да играме за навивачите кои од нас очекуваат победа.

 

среда, 5 декември 2018 - 11:51