НОВ ДРЕС, ИСТА ЦЕЛ – ПОБЕДА ВО КЕЛН

Вардар на Ф4 турнирот во Велукс ЕХФ лигата на шампионите во Келн за првпат ќе настапи во дрес специјално дизајниран за црвено-црниот бренд.

За претстојниот настап на Вардар во Келн, на ракометниот Ф4 во ВЕЛУКС ЕХФ Лигата на шампиони екипата ќе настапи во посебно дизајнирани дресови. РК Вардар и Вардар Фаншоп во соработка со ракометарите и со Hummel подготвија ограничена серија на дресови што од денес се пушта во продажба во нашата фаншоп продавница и on-line на www.vardarfanshop.com.

Промоцијата на новиот дрес на РК Вардар, со кој тимот ќе настапи на двете средби во Келн на 1 и 2 јуни, се одржа во Фаншопот на Вардар што се наоѓа во склоп на СЦ „Јане Сандански" во Скопје. Под мотото „Нов дрес, иста цел – победа во Келн" изгледот на новиот дрес го промовираа Мартин Поповски и Кристијан Дисингер.

За шесте години континуирано играње во ракометната елита на Европа, односно од сезоната 2013/ 2014 па досега, при што Вардар трипати по ред настапува во Топ-8 фазата на ЕХФ лигата на шампионите и на Ф4 турнирите, за првпат тимот ќе игра со дресови во чие создавање учествуваа и самите ракометари.

„Новиот дрес ги има неизбежните црвено - црните шари. Инспирацијата не беше тешко да се најде. Вардар постои од 1961 година и секогаш неговата приказна и љубовта за него се тесно преплетени со црвената и со мистично црната кои со децении им носат многу радост на верните поддржувачи на најголемиот спортски бренд во Македонија. Но, отидовме чекор понатаму, па со нов дизајн е и гостинскиот дрес, односно, белиот дрес. Во изработката на двата нови дресови се користени нови, модерни и поквалитетни материјали. Внимававме на тоа да излеземе во пресрет на потребите на ракометарите, да придонесеме и од наша страна за тие да се чувствуваат комотно и лесно, и да може да го дадат максимумот на теренот. За навивачите останува и понатаму можноста секој што сака да го има овој дрес да може истиот да го персонализира, односно да го нарача со бројот на својот омилен играч, со сите спонзори, или да го направи според сопствениот вкус и желба. Горди сме да изјавиме дека дресовите на Вардар досега се продадени и испорачани буквално на сите континенти и на преку 20.000 горди сопственици и поддржувачи на ВАРДАР од сите возрасти и земји од целиот свет", изјави Благоја Трифунов, раководителот на Фаншоп продавницата на Вардар.

Новите дресови со промотивна цена oд 2.490,00 ден се достапни во традиционалните, црвено и црна боја што е „домашен дрес" за настап кога вардарци се домаќини, и во белата боја, коишто се гостински дресови.

Еден живот, една љубов, Вардар!

четврток, 23 мај 2019 - 15:06