Наместо дерби - симултанка на Вардар

Требаше да биде дерби на колото во СЕХА Газпром лигата, но дуелот во Скопје меѓу Вардар и Целје во целост му припадна на актуелниот првак кој триумфираше со 35-27 (20-10). „Црвено-црните" остануваат на врвот на табелата во СЕХА лигата со 40 бода девет повеќе од ППД Загреб.

Дуелот беше последен тест за Вардар пред неделниот дуел од лигата на шампионите против ПИК Сегед. И тестот беше успешен, а формата на тимот оди во нагорна линија. Важно беше да се почувствува хемијата во тимот да се биде подготвен за следните предизвици, и со триумф да се продолжи серијата на освојување бодови во СЕХА лигата.

Целје секогаш бил тврд ривал за вардарци, но овојпат гостите од Словенија немаа шанса против разиграните домашни ракометари. Вардар покажа дека има долга клупа и квалиттени ракометари на сите позиции, па шансата што им беше дадена ја искористија максимално.

Ова е четврти триумф за Вардар во дуелите со Целје во СЕХА лигата. Сега ни треба уште една победа за да го завериме и првото место на табелата и како лидери да влеземе на Ф4 турнирот каде го браниме трофејот од лани.

На средбата во Скопје сѐ беше решено уште во првото полувреме. Веќе во 15 минута имавме водство до 8-3 како најава за нова триумф. Игравме лесно, едноставно и пред сѐ прецизно. Покажавме разновидност и разиграност на сите играчи. Во ниту еден момент не игравме со најсилниот состав, но тоа не беше пречка да направиме и двоцифрена предност уште во првото полувреме.

Страхиња Милиќ беше одлична замена за Арпад Штербик, и нашпиот голман средбата ја заврши со 13 одбрани. Добар дел од некои зицери завршија во рацете на Милиќ. Последните 20 минути на средбата шанса да брани доби и Даниел Ѓорѓески. Јања Војводиќ командуваше со нападот како среден бек, а поголема минутажа доби и Мартин Поповски.

Нашето десно крило имаше одлична реализација од 6/6. Во второто полувреме Целје се закани искористувајќи неколку наши нереализирани акции, па намали на „минус седум" гола, но ние брзо се вративме на двоцифрената предност. Целје се обидуваше да држи ритам, но победникот веќе беше решен.

На 27 февруари Вардар гостува кај ППД Загреб.

вторник, 13 февруари 2018 - 22:16