Најмладите вардарци ќе играат на турнирот „Трофеј на Белград“

Пионерите на Вардар од петок до недела ќе учествуваат на тридневниот меѓународен турнир „Трофеј на Белград" во Србија. Екипата предводена од тренерот Зоран Петковски е составена од играчи родени 2004/05, но ќе се натпреваруваат во постарата генерација, односно против момчиња родени 2003 година.

„Одлуката да учествуваме против постари екипи е со цел да стекнеме поголемо искуство, а и на еден меѓународен турнир видиме како напредува оваа екипа. Со децата имаме договор дека треба да одиграме колку што е можно повеќе натпревари и да го намалиме периодот на пауза на натпревари на домашните првенства. Предизвикот е поголем, но задоволен сум од тоа како момчињата се развиваат. Учествувавме и на турнирот на Илинден во постарата генерација, односно игравме против кадети и во силна и поискусна конкуренција од вкупно 8 екипи ние завршивме на петто место. Есенскиот дел од сезоната во националното пионерско првенство ја завршиме како први во нашата група и со победа на сите натпревари. Со истата екипа настапуваме и во младинска конкуренција, каде можеби се соочуваме и многу постари ракометари и се случува да останеме без бодови на натпреварот, но стекнуваме многу скапоцено искуство и се градиме како посилни ракометари", вели тренерот на пионерската селекција Зоран Петковски.

Ова е втора година по ред за пионерите да настапуваат на турнирот во Белград, но минатата година се натпреваруваа против врсници во старосната конкуренција 2004/05. Дома се вратија со освоено второ место во конкуренција на 20 екипи од регионот.

Годинава во конкуренцијата родени 2003 година учествуваат вкупно 24 екипи од Србија, Словенија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија и Црна Гора, и се разбира екипата на Вардар од Македонија. Големата конкуренција според тренерот Петковски е предизвик повеќе за ракометарите, бидејќи секој натпревар и секој гол ќе влијае за што подобар резултат, но и обратно. „Момчињата ќе треба да дадат сѐ од себе за да се изборат против постарите ракометари", вели Петковски.

Екипите се поделени во осум групи со по три екипи. Вардар е во групата Г игра против екипите на Мокерц Киг од Словенија и Партизан од Србија.

Во петок натпреварот против Мокерц Киг играат во 12.50 часот, а против Партизан во 19.45.
Во зависност од пласманот во рамките на групата Вардар во сабота ќе игра со една од екипите во група Б - Војводина и Јуниор од Србија и Раднички Горажде од БиХ.

Според пропозициите на турнирот за пласман од 1 до 8 место ќе играат првопласираните екипи од сите осум групи. Победниците ќе се натпреваруваат за освојување на турнирот

За екипата на Вардар во Белград ќе играат Никола Спасовски, Петар Стојановски, Дамјан Димитриовски, Мартин Тодороски, Давид Младеновски, Кирил Симоновски, Марио Стојановски, Давид Славевски, Христијан Петковски, Андреј Петрушевски, Георгиј Спасовски, Петар Колевски, Александар Стојменов, Стефан Ристевски, Мартин Сипковски, Матеј Трајановски и Виктор Трифуновски.

четврток, 26 декември 2019 - 13:15