На Вардар во финишот му „избегаа“ бодови

Вардар 1961 го одигра седмиот натпревар од Група А од ЕХФ лигата на шампионите и на домашен терен во последните минути не успеа да ја задржи предност и на крајот му дозволи на ПИК Сегед да триумфира со 28-26 (13-15). „Црвено-црните" остануваат на осмото место во групата, и за четири дена е повторно меч со ПИК Сегед но во Унгарија.

Се до средината на второто полувреме Вардар 1961 имаше предност, но откако гостите поведоа со 22-21, потоа „црвено-црните" го бркаа резултатот. ПИК Сегед водеше со 1 гол предност, а Вардар 1961 успеваше да израмни. И така беше се до 56 минута. Тогаш при резултат 25-26, Иван Чупиќ не го реализира пеналот, а потоа Бенче Банхиди со неговиот петти гол зголеми на 25-27.

Брзо вративме со гол на Калараш за намалување на 26-27 и требаше да се одбраниме, а имаше уште 38 секунди до крај. Но, Банхиди повторно погоди за 26-28 што беше и конечниот резултат од натпреварот.

Како што заврши напреварот со предност на ПИК Сегед, така и започна. Вардарци имаа лошо отворање на средбата и негатива од три гола (2-5 и 4-7). Вардарци успеаја да го смират темпото, а со тоа и резултатот, па можеше да се надигруваат. Им требаа 15 минути од првото полувреме за да стигнат до нерешени 7-7 откако имаа серија од 3-0.

Имаше неколку атрактивни потези во првото полувреме во кое прво Дисингер постигна убав погодок со шрауба, а потоа и една атрактивна контра во два потези при што веќе можеше да се види дека Вардар ќе го сврти резултатот во своја полза.

Во 20. минута резултатот беше 11-10 во корист на „црвено-црните" така што веќе работите се изменија, па сега Вардар го диктираше темпото и резултатот додека составот на Пик Сегед мораше да брка приклучок односно израмнување. Се играше добро во нападот, имаше повеќе идеја, а и одбраната беше на едно солидно ниво. Имаше игра која најавуваше убав резултат така што сè водеше кон убава предност на полувреме. Новата серија од 3-0 во 28. минута донесе предност од 15-12 за Вардар така што ова беше резулат кој даваше уште поголема сигурност.

Предноста можеше да биде поголема, но контрата на Дибиров за плус четири заврши со одбрана на Миклер, а потоа гостите реализира и беа поставени 15-13 на полувреме на овој дуел.

На почетокот на вториот дел ракометарите на Вардар продолжија во ритамот во кој играа во завршницата на првото полувреме. Предноста од три гола ја одржуваа десет минути, а потоа противникот успеа да се врати во игра и на средина од второто полувреме да израмни на 20:20.

На 18 февруари Вардар 1961 гостува во Унгарија кај ПИК Сегед.

 

* СТАТИСТИКА ОД НАТПРЕВАРОТ - vardar_1961_vs_pick_szeged.pdf

* ФОТО-ГАЛЕРИЈА ОД НАТПРЕВАРОТ 

 

Изјави од прес-конференција по натпреварот

Стевче Алушовски - тренер на Вардар 1961
„Честитки за ПИК Сегед. Овие бодови беа важни за нив, но и за нас. Моите играчи дадоа се од себе, одигравме мможеби еден од најдоб рите натпревари оваа сезона. Тажен сум што загубивме, но среќен сум што одиме во позитивна насока со мојата екипа. Промашивме три пенали и неколку контри во клучните моменти, па тука гостите ја направија клучната разлика, иако овој натпревар можеше да заврши во наша корист. ПИК Сегед е екипа што претендира секоја година на Ф4"

Гоце Георгиевски - играч на Вардар 1961
„Честитки за ПИК Сегед. Беше многу тежок меч, игравме добро посебно во првиот дел во одбрана и во напад. Во второто полувреме, тие заиграа подобро. Во последните десетина минути ја загубивме концентрацијата, промашивме неколку чисти ситуации и тие победија. Сега ќе се подготвуваме за дуелот во четврток и се надевам дека ќе бидеме подобри".


Хуан Карлос Паштор - тренер на ПИК Сегед

Тешко е да се победува во Скопје и ние го знаевме тоа. Вардар играше многу добро, имавме многу проблеми со нивниот пивот во првиот дел. Ние не бевме на највисоко ниво, но се подобривме во последните дваесетина минути и во одбраната и во нападот. Клучниот момент беше кога стигнавме до водство. За нас е важна оваа победа и се надевам ќе бидеме уште подобри на следниот наш натпревар, кој го играме в четврток".


Жоак Кањељас - играч на ПИК Сегед

„Ова беше многу важен меч за нас, на никого не му беше лесно за време на мечот затоа што дојдовме во една неочекувана ситуација кога се работи за поените. Моравме да одиме на победа. Тоа ни донесе притисок, бевме во некои моменти многу нервозни. Не го прикажавме најдоброто, ама важно е дека дојдовме до победа. Вардар водеше од почетокот, играше доста добро во нападот, нашата одбрана имаше проблеми со Чупиќ и со пикерите. Во вториот дел Вардар се умори, ние станавме агресивни во одбраната и дојдовме до еден егал меч, во кој погодивме во клучни моменти".

 

недела, 14 февруари 2021 - 23:55