
На Вардар му требаа седум минути да покаже дека во Шведска е дојден по триумф. Во перидот од 13 до 19 минута Вардар направи серија од 5-0 и поведе со 9-7 со што почна нашата контрола врз играта и резултатот. До тој момент Кристијанштад на трипати имаше предност од два гола, а еднаш и „плус 3" (7-4). Тоа беше знак за Раул Гонзалез да побара „тајм аут" и да ги советува ракометарите. И тоа даде резултат, зашто по двапати Борозан, и Шишкарев, и еднаш Марсениќ го донесоа посакуваниот пресврт и наше водство од 9-7.
Тие два гола предност на Вардар потоа продолживме да го зголемуваме па на три минути пред крај на полувремето водевме со 14-10. Арпад Штербик во овој дел од натпреварот имаше девет одбранети топки, а неговиот колега на спротивната страна Никола Симиќ, една одбрана повеќе.
Кога Душебаев во 33 минута првпат донесе предност од „плус 5", 17-12, а потоа и покрај двете исклучувања на Вардар, нашите ракометари се одбранија и примија само еден гол, беше јасно дека не само што сме поквалитетни, туку и подбро ментално подготвени за меч во кој сме фаворити. Ниту трите одбранети пенали на Симиќ на нашите ракометари (Кањељас, Чупиќ и Карачиќ) не не помрдна од зацртаната патека која требаше да ни донесе победа. Со честа ротација на ракометарите, и во одбрана и напад, Вардар постојано имаше свежи ракометари во игра. Кога во 47 минута првпат ја пробивме границата од „плус 6" за наше водство 23-17, најавивме за втор триумф во Шведска. Лани исто така победивме на гостувањето, 30-25.
Душебаев и Карачиќ со двата гола по ред зголемија за првпат на „плус 7" во 52 минута, и остануваше само рутински да го завршиме натпреварот. На крајот , „петката" беше и реален одраз на силите на теренот. Нашиот голман Арпад Штербик го заврши натпреварот со 19 одбрани.
Во следното коло во сабота во Скопје ќе гостува екипата на Мешков Брест.
Кристијанштад - Вардар 23-28 (12-15)
Кристијанштад: Симиќ (одбрани 16 топки и 4 пенали), Ларсон, Липовац 1, Арнарсон 2, Хенингсон 7, Соренсен 2, Моен Нилсен 1, Лагерген 3, Ларсон, Хален, Толбринг 3, Јонсон 3, Татаринцев, Ханиш 1, Моберг, Шустер.
ВАРДАР: Штербик (одбрани 19 топки), Стоилов, Милиќ, Рожерио, Македа 1, Деревен, Карачиќ 5, Душебаев 7, Абутовиќ, Кањељас 3, Циндриќ 1, Чупиќ 1, Дибиров 2, Шишкарев 3, Борозан 2, Мaрсениќ 3.