Монпелје првпат освои бодови против Вардар во групната фаза

Вардар првпат остана без бодови во натпревар против Монпелје во групната фаза од лигата на шампиони, откако загуби 27-31 (13-14) во последното 14. коло од Б групата. Во деветтиот меѓусебен дуел во ЛШ, Монпелје претходно победи само на Ф4 турнирот во Келн во сезоната 2018/2018, а на претходните средби во групната фаза, само на еден дуел било нерешено , а на сите други триумфираше Вардар.
По одигрување на ова последно 14. коло во Б групата Вардар гоосвои 6 место со 11 бода, а Монпелје е четврти со 17 бода. Двете екипи ќе играат во осмина-финалето на ЛШ.

Имаше шанса групната фаза да ја завршиме и на петтото место, а за тоа ни требаше триумф над Монпелје, а Порто да загуби на гостувањето кај Мешков. Но, белорускиот тим загуби, а исто така и Монпелје ги однесе бодовите од Скопје.

Имавме одличен почеток и водство од 5-1 како најава за можен нов триумф. Вардар делуваше моќно, но Монпелје имаше повеќе можности за ротација во екипата, повеќе играчи кои може да да се смената на различни позиции. Имавме и добри одбрани од Марко Кизиќ, и така се држевме се до средината на првото полувреме. Потоа Монпелје израмни, а потоа во последните десет минути дури и да направи пресврт па да има водство. На крајот негативата од 13-14 и не беше лоша. Бевме во игра, резултатски.

Капитенот Стоилов повторно се бореше лавовски со реализација 7/9 на мечот а одлична партија пружи и Сергеј Горбок кој постигна 6 гола од 9 обиди.

И повторно се држевме и бевме во игра до средината на второто полувреме. Монпелје водеше, ама таа разлика Вардар ја стигнуваше. А кога почна заморот да се чуствува кај играчите на Вардар гостите почнаа резултатски да се одлепуваат. Французите имаа предност од „плус 4" со кои се влезе во последните десет минути. Неизвесноста се врати кога намаливме на 27-28. Се чинеше дека може да има пресврти, но со две грешки по ред во напад примивме брзи голови и Монпелје веќе го реши натпреварот.

ВАРДАР – МОНПЕЛЈЕ 27-31 (13-14)

ВАРДАР: Кизиќ (8 одбрани), Гедбан (1 одбрана), Гогов, Стоилов 7, Кукуловски, Димитриоски, Карапалевски, Сикошек Пелко, Скубе 1, Калараш 1, Чупиќ 5, Де Толедо 1, Дибиров 4, Горбок 6, Шишкарев 2, Горпишин.

МОНПЕЛЈЕ: Шего (4 одбрани), Бонефо (6 одбрани), Симонет 2, Вилемино 2, Трухановичиус 1, Дескат 8, Гребил 1, Бос, Петерсон, Ричардсон 5, Порт 2, Лене 6, Афгор 1, Суси, Дуарте Брито 3.

 

Стевче Алушовски - тренер на Вардар
„Тажен сум што загубивме од Монпелје, но среќен сум што работам со вакви борци. Среќен сум за Марко Кизиќ кој трета средба е на висина на задачата потребна за настап во Лигата на шампионите. Имаме и многу проблеми покрај тоа што имаме краток ростер. На овој натпревар дадовме максимум на теренот , но за жал Монпелје ги однесе бодовите. Горд сум на моите играчи, на клубот, на навивачите за она што го правиме

Иван Чупиќ - играч на Вардар
„Не дека не игравме добро денеска против Монпелје туку немаме доволно квалитет на тренинзите и долг ростер на клупа. Секој натпревар играме до 40-45 минута додека голманите се во форма на натпреварот и не држат имаме повеќе шанси. Се виде дека ни недостига клупа и играч кој ќе може да повлече. Глупаво е сега да зборуваме за тоа, но последните денови трениравме со 5-6 ракометари што поради болест, што поради повреди. Имаме проблеми во последните 15-20 минути. Тука паѓаме и имаме проблеми. Сè што можеме да направиме во овој момент е тоа. Го нема она нешто кое ни е потребно за Лига на шампионите за секоја недела за да може да се одиграат 60 минути. Играме колку можеме во моментов. Мислам дека до 52 минута бевме егал со Монпелје, но од друга страна кога ќе видиш како се менуваат и имаат избор на секоја позиција. Имаме желба и сакаме. Ние сме победници, но имаме проблеми. Реалноста во моментов е таа и сега треба да се обидеме во Нашице да го надиграме Нексе и во два меча да избориме Ф4 турнир во СЕХА. Можеби сега изгледа дека јас плачам, но во спортот е таква работата. Колку пари толку музика. Колку квалитет, толку и цели. Реалноста е таква, ние извлекуваме и многу повеќе од нас"

Давид Дегој - помошник тренер на Монпелје
„Задоволни сме што усеавме да победиме на овој натпревар. Игравме против Вардар, кој е силен тим и кој го респектираме. Одигравме цврст натпревар и среќни сме поради оваа победа. Се надевам дека Вардар ќе остане во Лигата на шампионите и во следните сезони. Се работи за силен тим со голема историја зад себе и потребен е на ова натпреварување"

Давид Симонет - играч на Монпелје
„ Не беше воопшто лесно на овој дуел. Влеговме во натпреварот со голема желба за победа. Морам да ја потенцирам играта на Кизиќ кој бранеше одлично денеска. Исто така сакам да упатам и честитки за Вардар за играта која беше прикажана особено сега кога клубот се наоѓаво многу тешка ситуација".

 

недела, 1 март 2020 - 20:06