Младинците останаа без бодови во градското дерби

Младинците на Вардар јуниор сезоната ја отворија во СЦ „Јане Сандански" со градско дерби против екипата на Металург 2. Иако останавме без бодови по првото коло, црвено – црните истовремено настапуваат со истиот тим во Супер лигата и во младинската лига контролата над резултатот ја загубија во завршните минути од мечот, па не успевајќи да израмнат. Мечот заврши со 28 : 30 (13 : 13) за гостите.

Со изедначени сили на теренот, избраниците на Пепи Манасков и Стојан Петрушевски успешно одржуваа контрола над играта, но не собраа доволно сили за резултатски да се одвојат од противникот. На секој реализиран напад, следеше успешен противнапад, та екипите наизменично имаа предност од 1 гол. Вардар јуниор успеа да се избори и за позитива од +2 гола, за 10 : 8, но противникот израмни со два последователни гола. На пауза заминавме со реми 13 : 13.

Вторите 30 минути, не ни донесоа многу среќа. Гостите ја имаа иницијативата, неколкупати имаа и предност, а стигнаа и до позитива од 4 гола за 23 : 19. Постојано се враќавме во игра и последното израмнување беше на 25 : 25. Следеа минути во кои имавме негатива од три гола, 25 : 28, и иако разликата ја намаливме на 28 : 29, не беше доволно и во финишот влеговме со 28 : 30 за гостите.

Најдобар стрелец на мечот беше Деан Кукуловски со 10 гола.

Следното коло Вардар Јуниор игра во гости кај Прилеп 2010.

ВАРДАР ЈУНИОР – Металург 2 28 – 30 (13 : 13)
ВАРДАР ЈУНИОР: Славе Јанковски, Деан Кукуловски 10, Александар Нанов, Дамјан Јакимовски, Мартин Карапалевски 3, Марко Кизиќ, Тони Атанасовски, Христи Бикоски, Ален Ќосевски 2, Кристијан Ангелковски, Иван Димитровски 4, Јоаким Ангелковски, Игор Ѓоргиев 1, Марко Мишевски 6, Никола Цветаноски 2, Андреј Петковски.

четврток, 11 октомври 2018 - 23:47