Милосављев: Одиме на максимум против Нексе

Меѓу натпреварите од Лигата на шампионите утре Вардар ќе одиграат и еден меч од Регионалната СЕХА Газпром лига. На гости во Скопје доаѓа хрватскиот вице-првак Нексе. Средбата се игра утре, вторник во 20,45 часот во СЦ „Јане Сандански"

Нексе е најпријатното изненадување сезонава во СЕХА Газпром лигата. По седум одиграни натпревари тимот од Нашице има шест победи и само еден пораз. Во моментов се на делба на првото место на табелата со 18 бода, исто колку и ППД Загреб. Вардар е на третото место со 15 бода.

Сезонава Нексе успеа да го победи ППД Загреб уште во првото коло. Во меѓувреме се засилија и со Халил Јагањац кој направи трансфер од Металург.

„ Нексе игра оваа сезона одлично во СЕХА лигата и ќе биде могу тешко. Играат добра одбрана, интензивно во нападот, повеќе одбранбени зони, па мораме да бидеме подготовени за тоа. Во нападот имаат одлични играчи, со добра финта, шутираат од дистанца. Ова е уште еден меч на кој сакаме да ја победиме, вели Роберто Парондо, тренерот на Вардар.

На натпреварот со Нексе сигурно нема да настапи пивотменот Рожерио Мораеш. Тој им апроблеми со коленото па клубот ќе се обиде да го сочува Бразилецот за следните важни натпревари од Лигата на шампионите против Барселона.

„ Нексе е силна екипа која игра добар ракомет. Имаше доволно време за да се одмори и да се подготви за нас. Доаѓаат во полн состав во Скопје. Со самото тоа тие доаѓаат по бодови. Ние одиме на максимум и ова е дуел кој ќе ни биде подготовка за дуелот против Барселона. Нема сомнежи дека ќе покажеме најдобра игра што можеме на утрешниот дуел. Ракометарите секогаш се борат до крај и затоа ние мораме да одиграме квалитетно од почеток и да се обидеме уште во првото полувреме да дојдеме до предност и тука да го решиме натпреварот, изјави Дејан Милосављев, голманот на Вардар.

Натпреварот Вардар - Нексе се игра утре (вторник) во 20,45 часот во СЦ „Јане Сандански".

Билетите за истиот натпревар се веќе во продажба преку www.ticketplus.mk и на билетарницата на СЦ „Јане Сандански".

понеделник, 5 ноември 2018 - 13:09