Лесна победа за Вардар1961 во Струга

Вардар1961 очекувано ги освои бодовите од гостувањето во Струга, каде домаќинот настапи со само 11 играчи, а нашиот тим на теренот играше со „вториот тим" и на крајот триумфираа со 32-22 (15-10) во 12 коло од машката Супер лига. За „црвено-црните" остануваат уште две средби на кои треба да победата за да ја прослават рекордната 14. титула.

На две кола до крај на првенството Вардар има 33 бода, исто колку и Еурофарм Пелистер, но скопјани се со подобра меѓусебна гол разлика. Струга останува на последното 8. место на табелата во плејофот со само три бода, и без победа пролетва во разигрувањето за титулата.

Струга беше само посилен тренинг-меч, и Вардар одигра колку што требаше. Тргнаа вардарци со водство кое го задржаа, а во првото полувреме беше на моменти и со „плус 7". Неизвесно беше само со колкава разлика ќе победи Вардар1961, зашто стружани немаа доволно играчи во составот за да можат и да парираат.

Димитар Димитриоски во овој период беше најефикасен со 6 гола, а во првата седморка на гостите играа оние што поретко влегуваат во игра, или пак повеќе играат во одбрана, како случајот со Векиќ. Иако разликата во квалитетот беше навистина очигледна, вардарци сепак примија десет гола во првото полувреме. Струга иако беше со млади играчи, не се посрамоти во првото полувреме давајќи отпор во одбрана, но и борејќи се во напад за секоја топка.

За само десет минути играње во второто полувреме Вардар набрзина направи серија и од „плус 5" стигна до „плус 11" и водство од 23-12. Се веќе беше решено околу победникот, па се чекаше само крајот на средбата. Домашните за момент намалија три гола од негативата, а во 51 минута Струга намали на 19-27. Немаше никаква драма на теренот зашто гостите и со вториот тим беа посилни од ослабените домаќини. На крајот разликата остана двоцифрена во корист на гостите.

Најефикасен играч на натпреварот беше Димитар Димитриоски со 11 гола, а кај домаќините Христијан Крстановски и Филип Пајкоски постигнаа по 6 гола.
Во следното коло Вардар гостува кај Пролет, а Струга го игра „езерското дерби" со Охрид.

* записник од натпреварот - struga_-_vardar1961_22-32.pdf

среда, 26 мај 2021 - 20:43

Share on Facebook