Криштопанс: Долго се подготвувавме за овој меч и успеавме

Вардар ќе презими во Лигата на шампионите како второпласиран во групата. Теоретски се уште имаме шанси и за првото место. Во последното 10. коло во Скопје го победи Кјелце со 28-27 (14-11). Со двата бода сега „црвено-црните" имаат 13, и се искачија на второто место.

Роберто Парондо - тренер на Вардар
„Задоволен сум од победата бидејќи совладавме силен тим каков што е Кјелце. Имавме одлично отворање на натпреварот и одлични 30 минути. Во еден период од средбата дојдовме и до 5-6 гола предност, но Кјелце е силен тим кој знае да се врати во средбата. Презадоволен сум од тоа што успеавме да победиме на еден вака тежок натпревар бидејќи имаме и намалена ротација поради повредени играчи. Сепак, ова е важна победа за нас".

Даинис Криштопанс - играч на Вардар
„Одигравме одличен натпревар во кој имавме добар старт. Подолго време се подготвувавме за него. Ни недостигаат двајца повредени ракометари без кои ни е тешко и тоа ни создава проблеми бидејќи ни се потребни во играта“.

Талант Душебаев - тренер на Кјелце
„Му честитам на Вардар за освојувањето на два поени. Не сум задоволен од моите ракометари од тоа што направивме премногу технички грешки. Во ситуациите еден на еден не успеавме да постигнеме голови, а тоа влијаеше на резултатот. Задоволен сум од борбеноста на моите момци, но не можам да бидам и комплетно од играта".

Лука Циндриќ - играч на Кјелце
„Благодарам за убавиот пречек во Скопје. Презадовлен сум од тоа како ме пречекаа. Тука минав многу убави години од досегашниот дел на мојата кариера. Очекувавме дека ќе решава еден погодок. Вардар одигра одлично во одбраната, а ние промашивме многу зицери и шутеви од акции 1 на 1. Мораме да поработиме на некои работи и мислам дека можеме многу повеќе“.

 

сабота, 1 декември 2018 - 20:26