Колдинг е првиот тим кој успеа да го запре Вардар

Иако последен во групата Б, Колдинг покажа дека е доволно квалитетен да стане првата екипа во Европа која го победила Вардар во новата сезона, со 33-31 во 5. коло од Лигата на шампионите.

Данските шампиони беа максимално мотивирани против ослабениот Вардар и успеаја да победат со една брза игра во нападот и многу агресивна во одбраната. Максимално го искористија отсуството на Арпад Штербик и на останатите тројца вардарци кои не отпатуваа во Данска, Деревен, Душебаев и Стоилов, а дополнителна помош им беше тоа што Алем Тоскиќ се повреди и со крв на лицето мораше да го напушти мечот во второто полувреме.

Сепак, предноста ја стекнаа на крајот од првиот дел, откако претходно Вардар водеше. Не сметајќи ги почетните 1-0 нашиот тим првпат поведе во 10. минута, со 6-5. Оттогаш го држеше водството во свој посед, а во 18. минута првпат на мечот имаше и два позитива, со 11-9. Нашата предност изгледаше стабилна и во 23. минута, кога Македа погоди за 14-12, но оттука почнаа проблемите.

Не можевме да постигнеме гол се до последните секунди на полувремето, а Колдинг не застана и со серија од 4-0 направи пресврт и поведе со 16-14. Со уште по еден гол на двете страни дојде крајот на првото полувреме, а во второто Вардар веднаш се обиде да направи пресврт. Се доближивме до противникот и изедначи на 18-18, но тешко наоѓавме решение за нападите на Колдинг. Во овие почетни 10 минути од вториот дел Тоскиќ доби удар и раскварена аркада и не се врати во игра до крајот на средбата.

Негативата од еден до два гола траеше уште некоја минута, а потоа Колдинг направи серија од 4-1 до 50. минута и поведе со 28-24, првпат со четири разлика на мечот. Вардар успеа да се врати на минус два до крајот, но тоа беше максимумот од нашите момци. Сепак и покрај поразот остануваме први во групата Б, со осум бода.

недела, 18 октомври 2015 - 19:19