Кокшаров: Ако треба и голманите ќе играат како бекови за да се победува

Проблемите со кои се соочува Вардар во последно време во однос на повредите на играчите бара од тренерот Едуард Кокшаров да најде седморка на теренот што ќе може да победи надминувајќи го она што го мачи тимот во моментов.. Во таква ситуација веќе не е важно која е твојата природна позиција туку на која позиција си му потребен на тимот. Така, крилата играат бекови, влегуваат на пикер, и се со цел да се победи.

Вардар во тоа успева, и во меч од 7 коло на СЕХА Газпром лигата „црвено-црните" со 44-37 го победија Мотор Запорожје. Сега нашиот тим е лидер со 18 бода, три повеќе од украинскиот првак на три кола до крај на регуларниот дел од сезоната.

„И пред натреварот кажав дека имаме планови и сакавме денеска малку да одмориме некои од играчите. Мотор покажа добра игра и 40 минути моравме да ги држиме главните играчи на терен. Се виде дека од бековската линија ни остана само Сташ Скубе. Повторно моравме со крилни играчи да играме на бековска позиција. Сепак, ситуацијата е таква и сега мораме да се насочиме кон дуелот против Келце. Неизвесно е што и како ќе се случува и за реваншот. Може да биде подготвен Кристопанс, но неизвесно е и како ќе биде со Дисингер. Сепак, ние нема да запреме без разлика на составот. Ако треба ќе играме и со голмани на бековската позиција, важно е да победуваме", изјави Едуард Кокшаров, тренерот на Вардар на прес-конференцијата по мечот.

Гостите дојдоа со подмладен тим, и во првото полувреме одиграа рамноправно.

„Иако Мотор дојде со помлад состав прикажа голема борба во поголемиот дел од средбата. Не беше лесно да се победи, но успеавме иако сме со неколку повредени ракометари да го направиме. Најважно ги освоивме бодовите и продолжуваме понатаму во ист стил", изјави Марко Кизиќ, голманот на Вардар.

Мотор Запорожје на првиот меч победи со еден гол, а сега издржа само едно полувреме.

„Дојдовме во подмладен состав на оваа средба, а и ние и Вардар пробавме некои тактички варијанти. Се растрчавме доста и покажавме што можеме на теренот. Без разлика на составот со кој и да бевме на овој дуел немаше да биде лесно. Вардар е пример како се бори со сите проблеми. Честитки за Вардар, а ние имаме наши обврски и во СЕХА и во Лигата на шампионите, изјави Стеван Вујовиќ, играчот на Мотор.

 

среда, 13 ноември 2019 - 23:51