Карачиќ: Исполнивме сѐ што бараше тренерот од нас

Вардар го има најдобриот старт на сезона во лигата на шампионите со седум победи на осум натпревари, и 13 натпревари по ред на кои освојуваат бодови. На домашен терен „црвено-црните" ги победија Рајн Некар со 30-26 (17-13) и го задржаа првото место на табелата во А групата.

Рајн Некар по третпат е поразен во Скопје во ЛШ, а вкупно петпати нашите момци триумфираа во меѓусебните дуели на досегашните седум натпревари.

Вардар најде решение за играта на гостите, особено во ситуации „7 на 6", а исто така ги затворија и сите приоди кон голот на Арпад Штербик. Највисоката предност на Вардар на натпреварот беа седум голови (27-20).

* Фото галерија од натпреварот

Раул Гонзалес - тренер на Вардар
„Задоволен сум од победата против шампионите во Бундес лигата. Тоа е најдобрата лига и победата е многу значајна за нас. Рајн Некар секогаш игра одлично со седум играчи во напад и тоа веројатно го прави најдобро во светот. Ние имавме добро отворање и успеавме да најдеме начин за да успееме да се спротиставиме. Одигравме одлично во нападот и против Барселона, но мислам дека денеска бевме убедливо подобри и успеавме да прикажеме далеку подобра игра. Кога играш против тим кој има квалитетна одбрана и добар контранапад мора да бидеш на високо ниво, а ние денеска успеавме во тоа. Среќен сум бидејќи сме на првото место и со убава предност одиме на гостувањето во Германија следната недела".

Игор Карачиќ - играч на Вардар
„Рајн Некар прикажа одличен ракомет денеска. Убаво е да се гледа како играат, па тоа ни помогна добро да се подготвиме. Имавме долга подготовка за овој дуел и успеавме одлично да ги затвориме на почеток при одбраната „7 на 6". Тоа е опасна игра, а ние го исполнивме она што тренерот го побара од нас. Можам само да им честитам на колегите".

Николај Јакобсен - тренер на Рајн Некар
„Вардар одигра одличен натпревар во нападот и беше подобар од нас во ситуациите еден на еден. Не почнавме како што посакувавме, а во играта 7 на 6 во нападот не одигравме како што знаевме. Не сум задоволен ниту од нашата одбрана. Се обидовме многу да смениме. Вардар имаше и седум гола разлика во првото полувреме. Не можам да бидам задоволен од мојот тим, но загубивме од можеби најдобриот тим во Европа во моментов".

Филип Талески - играч на Рајн Некар
„Вардар докажа како игра еден шампион на Европа. Имавме многу проблеми во ситуациите еден на еден. Лошо го отворивме мечот и стекнавме негатива која беше проблем да ја неутрализираме до крајот на мечот. Ни претстои долга анализа за оваа средба и ќе мораме добро да се подготвиме за реваншот во Манхајм в недела на 26 ноември".

 

сабота, 18 ноември 2017 - 21:06