Калифа: На терен сум голем борец, а надвор уживам во животот

Алжирецот Гедбан Калифа на Вардар му се приклучи пред само неколку месеци, но брзо ги освои симпатиите на навивачите и публиката. Одличните одбрани пред нашата мрежа во клучните моменти брзо го прославија 21 – годишниот голман.

Калифа е прв Алжирец досега кој ги брани црвено – црните бои на нашиот клуб, оставајќи силен впечаток на мечевите од ЕХФ Лига на шампиони и СЕХА Газпром лигата.

Добредојде во РК Вардар Калифа! Како се чувствуваш тука?
„Ми се допаѓа многу Скопје. Луѓето се тука многу гостопримливи и веднаш ме прифатија сите, како во клубот така и надвор од него.

Дали од Вардар го доби она што го очекуваше?
„ За мене беше многу тешко да се промени државата и беше огромен предизвик да дојдам во Вардар. Бев многу возбуден... Морам да истакнам дека играчите и луѓето што работат во клубот ми помогнаа за брзото прилагодување.

Што најмногу ти се допаѓа во врска со твојот тим Вардар?
„За мене најдобро во Вардар е што имам армија навивачи. Тука ракометот е многу популарен и веднаш ме препознаваат на улица.

Како би го опишал Гедбан Калифа на терен и надвор од него?
„Кога играм сум 100 отсто фокусиран и секогаш сакам да победам. На теренот сум голем борец, а надвор од него сум мирен и уживам во секој момент од животот.

Те молам, кажи ни нешто за почетокот на твојата ракометна кариера.
„Почнав да играм на 7 години во Асвој во областа Блида во Алжир. На 13 години продолжив во најдобриот алжирски клуб (ГСП), каде работев со тренерот на голмани и добив повик за репрезентациите на Алжир, до 17, до 19, до 21 година, како и за првиот тим.

Што ќе кажеш за атмосферата за време на натпревар. Што мислиш за навивачите на Вардар?
„Јас мислам дека атмосферата е најдобра во цела Европа. Вардаровите навивачи се број 1, и во Европа и кога имаш вакви навивачи, многу е полесно да победиш.

Кој совет ќе им го дадете на младите ракометари во Македонија?
Секогаш треба да бидете сериозни на тренинзите, да верувате во себе, во своите капацитети. Внимателно да ги слушате тренерите.

Како ви се допаѓа Скопје? Се навикнавте ли на градот?
„Го сакам Скопје многу и веќе го чувствувам како свое. Буквално не се чувствувам како странец.

Што сакаш најчесто да правиш во слободното време? Дали имаш хоби?
„Кога сум слободен, одам на кафе со пријателите и гледам филмови. Многу сакам да одам во кино, ама ништо не разбирам од преводот. Немам посебно хоби.

Дали се дружиш со тимот? Дали ти се допаѓа ноќниот живот во Скопје?
„Често одиме на кафе после натпревар или тренинг, а за ноќниот живот не знам многу будејќи до сега сум бил само еднаш во диско и ми се допадна.

Кое ти е омиленото место кое си го посетил во Скопје?
„Имате преубава храна, а од омилените места ми се Блок кафе, кое е блиску до мојот дом, Рустикана и Барбакан.

На крај, која е твојата порака за навивачите на Вардар?
„Да не поддржуваат секогаш... и кога губиме и кога победуваме.

 

вторник, 11 декември 2018 - 10:20