Кадетите стартуваа со натпреварите од младинското првенство

Со цел да имаат повеќе натпревари и да соберат искуство, кадетски тим на Вардар сезонава се натпреварува и во кадетска и во младинска конкуренција во истиот состав. Екипата со гостување кај Работнички стартуваше со натпреварите од новата сезона на младинското првенство. Избраниците на Андријана Будимир и Ацо Станковски на мечот останаа без бодови, но покажаа карактер и упорност одржувајќи негатива од само 4 гола против постарите ракометари на Работнички, кои победија со 33 : 29 (15 : 13).
Вардарци во истиот состав се натпреваруваат и на кадетското првенство и се на врвот од групата со максимален учинок.
Црвено – црните се покажаа како тежок противник и за постари екипи, успевајќи во првата половина од полувремето резултатски да го следат домаќинот. Односно, до крајот на 30-те минути успеавме негативата да ја одржиме на два гола, па и на пауза заминавме со 13 : 15 за домаќинот.
Вторите 30 минути се вративме мотивирани за победа, но разликата во силата и возраста влијаеше на нашата амбиција. Успешно ја стопивме предноста на противникот и преминавме во водство со 19 : 17, но следеа минути во кои домаќините израмнија. Баланс на теренот имаше сѐ до резултатот од 20 : 20, по што за нас следеа минути без голови. Домаќините поведоа со 25 : 20. Намалување на негативата беше тешко за нашите момчиња кои успеаја да стигнат до 27 : 28, но не и да израмнат. Натпреварот заврши со победа на домаќинот.

Работнички – ВАРДАР     33 : 29 (15 : 13)

ВАРДАР: Давид Стојкоски, Марио Мишевски 4, Бојан Чакалиќ 3, Борис Павловски 3, Андреј Трајановски, Ненад Ангелковски, Дамјан Димитриевски, Леонид Чорогунов, Дамјан Србиновски 7, Велимир Грујовски 2, Давид Савревски 6, Андреј Пешевски, Благој Димчевски, Давид Мирчевски 2, Антонио Пешевски, Симон Калајџиески 2.

понеделник, 15 октомври 2018 - 00:04