Кадетите на Вардар првопласирани на полусезона

Кадетите на Вардар го зацементираа првото место на табелата од 1 група на државното првенство по завршувањето на првиот дел од сезоната. Со победата против Македонија Ѓорче Петров со 30 : 18 (11 : 9), црвено – црните го завршија есенскиот дел со максимален учинок, односно со осум победи од осум одиграни натпревари.

Избраниците на Андријана Будимир и Ацо Станковски во истиот состав се натпреваруваат и на младинското државно првенство.
На гостувањето кај Македонија Ѓорче Петров, вардарци имаа одличен почеток и уште во првите минути резултатски се одлепија од противникот со 4 : 1. Сепак еуфоричниот старт го пресече двоумењето во играта, та домаќините набргу израмнија на 5 : 5. Поголемиот дел од полувремето резултатски нѐ следеа, но пред да судијата да го означи крајот, успеавме да создадеме нова предност од +3 гола за 11 : 8. На одмор заминавме со водство од 11 : 9. На теренот се вративме помотивирани и со видно подобра одбрана од претходно. Четирипати едноподруго имавме успех и на двете страни од теренот, за резултат од 15 : 9. Во следните минути веќе создадовме предност од 9 гола, за 19 : 10. Бевме недостижни за противникот, а најголемата предност беше +12 гола, кои се повторија четирипати до крајот на мечот. Победивме со 30 : 18.

Македонија Ѓорче Петров – ВАРДАР 18 : 30 (9 : 11)

ВАРДАР: Ненад Ангеловски, Дамјан Србиновски, Марио Мишевски, Бојан Чакалиќ 6, Борис Павловски, Андреј Трајановски 1, Филип Атанасовски 1, Дамјан Димитриевски 8, Велимир Грујовски 2, Давид Савревски 5, Андреј Пешевски 2, Благој Димчевски, Давид Мирчевски 1, Бране Трифуновски, Симон Калајџиески 3.

четврток, 8 ноември 2018 - 23:29