Игор Карачиќ го постигна 2.000 гол во групната фаза од ЛШ

На гостувањето кај Барселона во 7 коло од Б групата на Лигата на шампионите Вардар загуби со 30-31, а на истиот натпревар „црвено-црните" го постигнаа и 2.000 гол во групната фаза.

Стрелец на јубилејнот гол е Игор Карачиќ, во 55 минута од натпреварот кога намали на 28-27.

За екипата на Вардар ова е 10 сезона во елитното европско ракометно натпреварување.
Сезонава Вардар по 7 одиграни натпревари има пет победи, со што го има најдобриот почеток во групната фаза откако настапува во најелитното натпреварување.

Нашиот тим во ЛШ има одиграно досега вкупно 79 натпревари (вклучувајќи ги и квалификациите и мечевите од стариот систем на натпреварување во ЕХФ), од што има 27 победи, 9 нерешени натпревари и 43 порази.

Но, откако ЕХФ го смени системот на натпреварување и воведе играње во групна фаза, Вардар одигра 75 натпревари и има 26 победи, 9 нерешени средби и 40 порази. ЕХФ во својата статистика ги користи само натпреварите од групната фаза од лигата на шампионите.

Ова е деветта сезона како Вардар игра во групната фаза од лигата на шампионите. Првиот настап во лигата на шампионите Вардар ја имаше во сезоната 1999/2000 кога за противник го имаше швајцарскиот тим на ТВ Шур. Тогаш нашиот тим во меч од 1/16 финалето двапати загуби.

Веќе следната сезона Вардар стана првата машка екипа од Македонија што ќе избори пласман во групната фаза од ЛШ, откако во квалификациското коло го елиминира тимот на АСКИ Анкара. На домашен терен Вардар победи со 37:31, а на гости во Анкара имавме иницијатива и позитивен резултат во најголем дел од средбата, па иако загубивме со 27:28 сепак на крајот се радувавме на пласманот во елитата.

недела, 15 ноември 2015 - 18:26