Хрватот Анте Кудуз од следната сезона во дресот на Вардар 1961

Од следната сезона на позицијата лев бек во тимот на Вардар 1961 ќе игра хрватскиот интернационалец Анте Кудуз (25). Македонскиот првак потпиша двегодишен договор со Кудуз и тој во Скопје би требало да остане до летото 2023 година.

Кудуз (202 см.) доаѓа од екипата на Динамо Букурешт каде настапува и лани беше прогласен за најдобар играч во првенството на Романија. Лани настапуваше со Динамо Букурешт во групната фаза од ЛШ, во група Д. Со екипата избори пласман во осминафиналето на ЛШ, но беа откажани натпреварите и административно беа одредени учесниците за Ф4 турнирот.

Кудуз таа сезона постигна 61 гол, а особено значајно беше неговата улога токму во дуелите со Спортинг во елиминациите и пласманот за осминафиналето. Сезонава на 4 натпревари во Лига Европа досега постигна вкупно 11 гола. Буkурешт е во група со Спортинг, Кристијанстад, Фуксе Берлин, Татран Прешов и Ним.

Во својата кариера Кудуз има настапувано за Осијек, Вараждин, Дижон (Франција), Винтертур (Швајцарија). Лино Червар го повика и на квалификацискиот дуел со Белгија за пласман на ЕП 2020 година, и Кудуз постигна 1 гол. Беше и на поширокиот спиок за ЕП 2020.

„Со ангажирањето на Кудуз би требало да добиеме на шутерски начин уште подобра лева страна и играч што ќе може да биде уште поубоит кон противничкиот гол. Неговите игри во Динамо, особено во Лигата на шампионите беа одлична препорака. Верувам дека ќе успее да се вклопи во нашата концепција и систем на играње. Вардар веќе го создава тимот за следната сезона и сакаме да имаме повеќе расположливи квалитетни играчи на сите позиции. Очекуваме костурот на тимот да го задржиме, и со засилувањата Вардар да биде уште поконкурентни на меѓународна сцена, вели Стевче Алушовски, тренерот на Вардар 1961.

Вардар 1961 за од следната сезона го договори и десното крило Дарко Ѓукиќ, а од сега на полусезона пристигна и Васко Шеваљевиќ кој ќе остане 1,5 сезона во Скопје.

Вардар 1961 сезонава игра во група А во ЛШ заедно со Мешков, Флензбург, Порто, Кјелце, Порто, ПИК Сегед и ПСЖ. Во регионалната СЕХА лига, „црвено-црните" се во група со Војводина, Нексе и Мотор Запорожје.

 

недела, 31 јануари 2021 - 15:00