Хет-трик на Вардар во Супер Купот

Вардар останува неприкосновен во домашниот Супер Куп и по третпат е победник. Во натпревар одигран во Куманово нашите момци го победија Металург со 26-24 (16-10). Му се реванширавме на градскиот ривал кој во истата сала во мај го освои Купот дури по изведување на пенали.

Даниил Шишкарев, Тимур Дибиров и Даинис Криштопанс се единствените ракометари на Вардар со три триумфи во Супер купот на Македонија. На овој меч Вардар играше без Калифа Гедбан, Сташ Скубе, Иван Чупиќ, Стојанче Стоилов и Жозе де Толедо.

Од самиот почеток на средбата Вардар ја презеде иницијативата приморувајќи го ривалот во првото полувреме двапати да бара тајм аут. Во првото полувреме Вардар имаше и предност од седум гола (14-7) потврдувајќи ја фаворитската улога.

Со предноста што ја направи Вардар им се отвори и поголема шанса на помладите играчи како Ѓосевски, Кукуловски и Карапалевски да имаат соодветна минутажа на средбата. Предноста ја задржавме и во второто полувреме, иако Металург неколкупати намалуваше на 3-4 гола негатива.

Во самата завршница кога веќе се беше јасно околу исходот и победникот малку се намали темпото, а Металург намали на „минус 2" за конечни 26-24.

Ова беше генерална проба за Вардар пред настапот во лигата на шампионите во недела против Порто.

„Задоволен сум од победата. Целта беше да победиме, но и да им дадеме прилика на младите играчи. Најважно е што игравме добра одбрана против Металург. Јас секогаш сакам да им давам прилика на младите играчи, да ги „туркам", ние имавме навистина добри играчи во вториот тим и мора да ги користиме. Го искористивме овој натпревар како добра подготовка за Порто, изјави Давид Писонеро, тренерот на Вардар.

* Фото галерија од натпреварот

 

Вардар -Металург 26-24 (16-10)

ВАРДАР: Кугис (13 одбрани и 1 седмерец), Кизиќ, Кукуловски 1, Димитриоски 2, Гашовски, Криштопанс 1, Дисингер 1, Карапалевски 1, Атман 2, Калараш 4, Дибиров 5, Горбок 6, Шишкарев, Горпишин 3, Ќосевски

МЕТАЛУРГ: Дупјачанец (6 одбрани) 1, Ѓоргески; Кондев 2, Јагуриновски 4, Поповиќ 3, Пецаковски, Шилегов 3, Танкоски 1, Мариќ, Серафимов 1, Лазаревски 1, Младеновиќ, Чантурија 1, Кбилашвили, Додиќ 5, Арсеновски 2.


четврток, 19 Септември 2019 - 10:17