Грегор Оцвирк со тригодишен договор со Вардар

Еден од најдобрите младински играчи во Европа, Словенецот Грегор Оцвирк (20) во следните три години ќе биде дел од екипата на Вардар.

Договорот со најдобриот стрелец на последното младинско ЕП е потпишан на две години со можност за уште една.

Оцвирк е веќе во Скопје и од утре ќе тренира со екипата. Игра на бековска позицијата каде во моментов во Скопје настапува и неговиот сонародник Сташ Скубе. Со ангажирањето на Оцвирк, Вардар доби млад играч кој во иднина се очекува да продожи да се развива и да биде врвен играч.

Тој игра на позицијата лев бек, a e дел од генерацијата што го освои златниот медал на последното ЕП во Словенија. Оцвирк постигна вкупно 57 гола и беше најдобаr стрелец. На финалето на последното младинско ЕП, Оцвирк даде 11 гола на средбата со Франција. Беше и дел од Ол стар тимот на ЕП.

„Вардар продолжува да биде место каде ќе играат ракометари што во себе поседуваат големи квалитети. Оцвирк е играч за кој во иднина очекуваме многу да се слуша, и тоа пред сѐ позитивни работи. Веруваме дека неговата младост, талент и веќе докажан квалитет заедно со она што го има Вардар ќе биде добитна комбинација. Покажуваме дека работиме на создавање на тим што ќе ја продолжи победничката приказна на клубот. Веруваме дека заедно со Оцвирк ќе се радуваме на уште доста успеси, вели Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

Вардар викендов патува за Словачка каде ќе го игра натпреварот со Татран во рамките од СЕХА лигата. Оцвирк ќе патува со екипата за Прешов, но до целосно комплетирање на документацијата само ќе тренира.

петок, 7 Септември 2018 - 17:54