Градското дерби во знакот на Вардар

Без разлика на силата на некој од тимовите, дуелите меѓу Вардар и Металург секогаш биле интересни. Дури и кога Вардар бил изразен фаворит, како што беше на оваа средба никогаш однапред не се предавал ниту еден од тимовите. „Црвено-црните" победија со 38-30 (18-19) и останаа лидери во домашното првенство со максимални 18 бодови од шест натпревари.

Металург дојде во „Јане Сандански" без притисок, и без најдобриот играч Златко Хорват. Вардар беше апсолутен фаворит, а поради правилото за настап на ограничен број странци тренерот Веселин Вујовиќ повторно мораше да комбинира со составот. Сега ги немаше голманот Сафар, крилата Јан Чувара, Гоце Георгиевски, пивотменот Валчак, бековите Гаџа, Кудуз и Кевин Њокас. И од оние што беа на клупата некои воопшто не влегоа во игра.

Гостите од Автокоманда знаеја дека нема што да загубат и од самиот почеток со серија на погодоци на Озтурк и Мане најавија дека се подготвени за изненандување. Првото полувреме се играше најчесто "гол за гол" а Металург имаше еднаш и водство од „плус 2" (12-10). Изгледаше дека Вардар игра со околку сила колку што им треба за да бидат во игра, да не дозволат противникот да направи предност, а некои од головите беа дури и прелесни.Но, тренерот Вујовиќ во 17 минута сепак мораше да побара тајм аут.

Изненадување беше водството на Металург на полувреме од 19-18, иако се чини со прави реагираше клупата на Вардар поради очигледниот престап на Петровски во контра. Но, токму тоа делуваше како отрезнување за Вардар. Само што почна второто полувреме. Вардар направи „плус 4' и го презеде водството, 22-19. Таа предност потоа се зголеми до 26-22, и тоа значеше резултатско одлепување на "црвено-црните".

Наместо да се продолжи со исто темпо, серијата наши грешки и не реализирани акции му озвозможи на Металург да дојде до изамнување 27-27 за нова неизвесност. И така беше се до моментот кога Металург повторно намали на „минус 1„ (31-30). Тогаш како да се разбуди Вардар. Следеше серија од 7-0 во последните десет минути и од „плус 1" Вардар на крајот имаше победа од 38-30.

Следниот меч за Вардар е во среда на домашен терен во ЕХФ лигата на шампионите против Монпелје.

* Записник од натпреварот - vardar1961_-_metalurg_09.10.2021.pdf 

* Фото-галерија од натпреварот 

 

сабота, 9 октомври 2021 - 22:19

Share on Facebook