Глеб Калараш останува уште две сезони во Вардар

Рускиот интернационалец Глеб Калараш (28) останува член на Вардар и во следните две сезони. Иако замина за Украина, желба на играчот беше да се врати во клубот со кој ја освои ЕХФ лигата на шампионите и СЕХА Газпром лигата во минатата сезона. Откако беа разрешени сите административни формалности 205 см. високиот играч е регистриран како играч на Вардар.

Калараш минатата недела дојде во Скопје, но чекаше да се завршат сите формалноси за да може и официјално да тренира со своите соиграчи. Вардар во моментов е на Супер Глоуб во Дамам, а Калараш остана во Скопје да тренира заедно со Стоилов кој се подготвува за скоро враќање на теренот.

Рускиот пивотмен дојде лани во Вардар и веднаш стана еден од омилените играчи на публиката, но и меѓу соиграчите. Беше дел од екипата што ја одбраната титулата во СЕХА ГАзпром лигата и во домашното првенство, и во триумфот на „црвено-црните" на Ф4 турнирот во ЕХФ лигата на шампионите Келн.

Играше на сите 20 натпревари во ЕХФ лигата на шампионите, постигна 11 гола, но поголема беше неговата улога во одбраната. Вардар ја имаше една од најдобрите одбрани, а токму Глеб Калараш беше дел од бедемот пред голот на Вардар што за многу екипи беше непремостлива пречка.

„На наша голема радост и на навивачите, Глеб Калараш и во иднина ќе биде дел од Вардар. Неговата желба да се врати во Скопје се исполни, и клубот исто така е среќен што ќе може повторно да смета на услугите на пивотменот кој токму во црвено-црниот дрес ги направи најголемите успеси. Со враќањето на Глеб сигурно најмногу ќе добиеме во одбранатa со оглед на неговите квалитети кои ги покажа лани на многу натпревари. Со нетрпение ја очекуваме новата сезона во СЕХА лигата и ЕХФ лигата на шампионите и заедно да чекориме кон уште успеси, вели Давор Стојаноски, Извршниот директор на Вардар.

Во новата сезона Вардар ќе почне со меч во СЕХА Газпром лигата на 3 септември во Скопје. Првиот меч во ЕХФ лигата на шампионите ќе го игра на 14 септември во Франција кај Монпелје.

Во тек е продажба на сезонски билети за новата сезона. Повеќе детали можете да најдете на www.ticketplus.mk, на билетарницата на СЦ „Јане Сандански" и на www.rkvardar.mk

 

четврток, 29 август 2019 - 12:00