Европскиот шампион му се одмазди на Вардар

Нашите ракометари не успеаја да го повторат успехот од Скопје и вторпат сезонава да го победат Кјелце. Полскиот и европскиот првак славеше против Вардар со 27-24 пробивајќи се осамен на првото место во групата Б од Лигата на шампионите.

Кјелце се израдува на победа уште еднаш во натпреварите со Вардар на свој терен и третпат тесно и без да доминира против црвено-црните. Во натпревар со многу технички грешки и на моменти „чудни“ судиски одлуки, бранителот на титулата во ЛШ почна поагресивно, со водство во текот на целото прво полувреме.

Имаше 4-1 во петтата минута, а вардарци постојанo бркаа негатива. Израмнија прво на 4-4 во 9. минута, а потоа дојдоа на 9-9 на 10 минути до крајот на првиот дел. Голманите немаа некоја голема улога во овие 30 минути, а актерите на теренот правеа грешки од кои повеќе искористи Кјелце. Направи 3-0 во финишот од мечот и на одмор замина со 15-12.

Во вториот дел на сцена стапи Страхиња Милиќ, со 11 одбрани од вкупно 13 на крајот од мечот. Им фати три од 10 досудени пенали за полските ракометари, но ниту тоа не беше доволно Вардар да направи резултатски пресврт. Напротив, Кјелце достигна највисоки плус четири, прво 18-14 во 35. минута, а потоа и 22-18. Сепак, домаќинот немаше капацитет уште да ги запира налетите на Вардар и во 50. минута изедначивме на 22-22.

Имавме и напад за водство, но тоа никогаш не дојде. Циндриќ ја погоди стативата во 56. минута за да намали на минус еден, а потоа и Дибиров промаши оставајќи му ја победата на полскиот тим.

Овој резултат значи дека Вардар ќе презими во Лигата на шампионите на третото место во групата Б, со 12 бода. Еден повеќе има Пик Сегед, а Кјелце со вечерашната победа дојде до 14, на чело на табелата. Првиот натпревар од пролетната полусезона не очекува на 18 февруари, на теренот на Пик Сегед.

 

Кјелце - Вардар 27-24 (15-12)

Кјелце: Шмал, Ивиќ 9 одбрани, Јурецки, Рајхман 4, Храпковски 1, Кус 2, Агинагалде 4, Бјелецки 2, Јахлевски, Штрлек 4, Лијевски 1, Јуркиевич 3, Пачковски 1, Зорман 2, Ѓукиќ 3.

Вардар: Штербик 3 одбрани, Милиќ 13 одбрани (3 пенала), Стоилов 1, Недановски, Мораес, Македа, Деревен, Карачиќ 5, Душебаев 5, Кањелјас 1, Циндриќ 3, Чупиќ 1, Дибиров 3, Шишкарев, Борозан 2, Марсениќ 3.

недела, 4 декември 2016 - 19:49