ЕХФ ги откажа осминафиналните мечеви од ЛШ и административно реши кој ќе игра на Ф4 во Келн

Европската ракометна федерација потврди дека се откажани осминафиналните и четвртфиналните натпревари во Лигата на шампионите. Тоа значи дека се откажани и двата натпревари на Вардар што требаше да ги игра против ПИК Сегед.

Пандемијата со коронавирусот ја натера ЕХФ да ги откаже овие натпревари и да ги испрати на завршниот турнир во декември најдобрите четири екипи во групната фаза. Претходно веќе беше потврдено дека во „Ланксес Арена" во Келн завршниот турнир ќе се одржи на 28 и 29 декември.

ЕХФ админстративно без играње на Ф4 ги испрати Барселона, ПСЖ, Веспрем и Кил. Тоа се екипите што ги освоија првите две места во групната фаза, па како најдобри од регуларниот дел се здобија со шанса да играа во Келн.

Вардар нема да има шанса да ја брани титулата, но останува фактот дека во последните три сезони „црвено-црните" постојано беа дел од завршниот турнир и двапати станаа европски првак. Остануваме најдобар тим во екипните спортови во Македонија со резултатите постигнати на меѓународна сцена и во домашното првенство.

петок, 24 април 2020 - 19:06