Едуардо Гурбиндо: Вардар e одлична одлука за мене

Не ми требаше ништо повеќе да знам за Вардар и Скопје. Не само за екипата, туку и за градот и земјата. Знам се што треба да знам за Вардар, од услови, од сала, град.. Тоа ми беше сосема доволн


Екипата на Вардар1961 следната сезона ќе има нов десен бек, познато име од ракометниот свет - Шпанецот Едуардо Гурбиндо. Тој ќе ја продолжи традицијата да има шпански играчи во тимот на „црвено-црните", и можеби и освојувањето на што е можно повеќе трофеи. Доаѓа во Скопје од летоска откако ќе му заврши договорот со француски Нант.

За Гурбиндо не е ново доаѓањето во Скопје и во Македонија. Има доаѓано како играч кога се натпреварувал во Лигата на шампионите, но и приватно кога со сопругата се шетале и ги посетувале роднините. Неговата сопруга е од Македонија, па првиот разговор Гурбиндо секако го почна со зборовите што ги знае, „малку малку", „ајвар", „добро"... Разбира малку македонски, но вети дека брзо ќе го научи македонскиот јазик и ќе му биде полесно.

Зад себе има една титула во ЛШ, со Барселона а сега доаѓа во клуб каде повторно има амбиција да стигне што е можно подалеку во европските купови.
Одлуката да дојде во Скопје ја донел сам, и најмногу му се допаднало што клубот сакал многу да го ангажира.

„Видов дека има интерес од клубот за мене, и тоа беше еден клучен момент. Јас сум во Франција веќе 5 години и мислам дека е време за промена. Секогаш барам нов предизвик, нови цели, нешто ново да се научи. Мислам дека е ова добра шанса да се дојде во клуб како Вардар, и ќе останам тука три години доволно време да се вклопам во тимот и да постигнеме резултати. Знам дека и претседателот е амбициозен, тој ми кажа дека сака да победува. И јас сум ист менталитет, секогаш сакам да победувам на секој меч. Тоа ќе биде добар предизвик за мене.
Исто така и мојата сопруга е од Македонија и ова е шанса да се научи јазикот за во иднина. Мислам дека ова е добра, но и комплетна одлука. Не само за мене, туку и за семејството. Мислам дека добро ќе се снајдеме во Скопје, вели Гурбиндо.

Вели дека немал потреба никого да консултира, да се распрашува за Вардар, и за она што го очекува тука.
„Одлуката беше целосно моја, се разбира заедно со семејството. Не ми требаше ништо повеќе да знам за Вардар и Скопје. Не само за екипата, туку и за градот и земјата. Знам се што треба да знам за Вардар, од услови, од сала, град.. Тоа ми беше сосема доволно, вели Гурбиндо.

Тој доаѓа во време кога тимот се засилува и секако амбициите ќе пораснат. Очекува да биде на ниво, да игра добро и заедно со клубот побрзо да ги постигнат поставените цели.
„Не ја знам целосно екипата за в година, но знам дека се создава силен тим. Затоа и бев среќен. Претседателот е амбициозен, и јас сум. Следната сезона треба да биде добра. Секако ќе ми треба малку време да се приспособам на екипата, на јазикот, но сум убеден дека таа адаптација ќе биде кратка и се ќе биде добро.

Вардар е нов предизвик, клуб каде повторно ќе има шанса да се бори за повеќе титули, во ЛШ, СЕХА лигата, домашното првенство.
„Барселона секогаш е Барселона. Тоа е добра екипа каде имаш шанса да се бориш за сите можни титули. Јас сега играм во Нант, и секако и таму ги имаме сличните услови. Вардар е тим што е во самиот врв, каде секако ќе бидеме конкуренти на секое поле, на секој натпревар. Имаме повеќе различни првенства каде ќе треба да се натпреваруваме и да победуваме.

За следната сезона најважно ќе биде што побрзо да се адаптира.
„Секогаш велам дека е компликувано да се зборува за во иднина, но сакам да играм за да победувам. Мојата прва цел е да бидат со тимот, а потоа да ги потврдам и да ги подобрам моите перформанси. Се надевам дека ќе успеам во тоа. Секако дека сакам да бидеме и на Ф4. Мојата замисла за во иднина е секако тоа. Сигурно ќе ми помогне тоа што во Вардар веќе имаше еден систем на кој и ја сум навикнат. Гледав и некои натпревари, но секако треба да разговарам со тренерот да видам како тоа се функционира. Потоа и со играчите, тие ќе бидат мои соиграчи. Не се плашам од било каква новост, прифаќам секаков предизвик. Сигурно ќе се адаптирам на се што ме очекува тука, и со нетрпение очекувам да почнам, вели Гурбиндо.

 

вторник, 16 март 2021 - 11:21

Share on Facebook