Едно лошо полувреме го реши победникот

Серијата од пет победи по ред во ЕХФ лигата на шампионите на Вардар е прекината и тоа од Кил, чии ракометари славеа во Скопје, 31-20 (16-4) во четвртото коло од групната фаза. Германците сега се лидери во групата, а Вардар останува во врвот на третото место со 6 бода.

Очекувавме, сакаме и се надевавме дека ќе можеме да му се реваншираме на Кил за поразот во полуфиналето на Супер Глоуб на крајот од август. Но Кил останува тим против кого секогаш ни е тешко да играме. Така беше и овојпат, иако само поради нашите грешки и нереализирани акции му дозволивме на противникот многу рано да направи разлика, која беше клучна за крајниот резултат.

Имавме полна сала, навивачи што максимално не бодрат како одличен предуслов за добар натпревар. По тримесечна пауза во составот беше и капитенот Стојанче Стоилов. Иако не доволно опоравен требаше да биде мотивација плус за колегите на терен.

Тргнавме како во грч, со неколку промашени удари, неколку стативи. На секоја наша грешка противникот казнуваше, па брзо дојдовме во негатива од 0-4. Тоа беше аларм да се побара првиот тајм аут. Одамна Вардар не одиграл толку лош почеток, да промаши два пенала, да неможе да постигне гол, да има проблеми во нападот. Првиот гол го постигнавме во 11 минута и тоа преку пенал. Верувавме дека оттука ќе тргне подобро, но се беше исто. Ние грешевме, а Кил погодуваше, па брзо разликата дојде и до 1-8.

Не ни одеше ништо од рака. Дури во 20 минута го постигнавме вториот гол преку Криштопанс за намалување на гостинското водство 2-11. Играта на бековските позиции ни беше затворена, Криштопанс имаше чувар кој внимаваше да не дојде во делот од девет метри. Се бараше начин тој и Скубе да бидат сопрени што побрзо. Колку што Кил играше добро, толку ние имавме лош период во кој и контрите ги промашувавме. И сетоа тоа придонесе на полувреме да имаме негатива од 4-16. Не паметиме полоша игра на „црвено-црните".

Вардар вообичаено знае да одигра во второто полувреме да направи пресврт, да го направи невозможното. Тоа го најавија „црвено-црните". Разликата од 12 гола ја намлаија на седум во 46 минута. Тогаш резултатот беше 15-22. На трибините веќе е дилириум, поддршката ја имаме а Вардар игра онака како што сите се навикнати да го гледаат. Три минути подоцна резултатот е 18-23. Сите веќе мислат дека се е можно и Кил е веќе спремен да падне.

И кога за момент ќе падне концентрацијата се тргнува во друга насока. Со двата гола на Кил резултатот повторно е „плус 7" за гостите, 23-18. Германците го издржаа нашиот налет, се соземаа, а Вардар повторно имаше неколку грешки што скапо не чинеа. Разликата од првото полувреме изгледаше голема и тешко достижна. На крајот спортски честитавме со надеж дека ќе возвратиме на гостувањето.

Вардар - Кил 20-31 (4-16)

ВАРДАР: Гедбан 2( 9 одбрани), Кугис (2 одбрани), Стоилов, Димитриоски, Кристопанс 4, Сикошек Пелко, Дисингер 2, Атман, Скубе, Калараш 2, Чупиќ 2, Дибиров 5, Горбок, Шишкарев 3, Горпишин.

КИЛ: Н. Ландин (11 одбрани), Квенштет, Дувњак 6, Рајнкинд 2, М. Ландин 2, Кристјансон, Винцек 4, Екберг 3, Рамел 1, Дамке, Зарабец 3, Хорак, Билик, Пекелер 8, Нилсон 2.

Давид Писонеро - тренер на Вардар
„ Одигравме многу лошо во првото полувреме. Не паметам дека Вардар некогаш имал полувреме во кое постигнал само четири гола. Многу е тешко и болно за нас. Сепак, загубивме многу топки на оваа средба и промашивме многу удари и беше навистина ужасно за нас. Во вториот дел одигравме поагресивно во одбраната, се обидовме сè што е во наша можност за да се вратиме, но успеавме само да се доближиме. Разликата беше преголема така што не можевме да направиме нешто повеќе. Можам да кажам дека сум презадоволен од публиката од тоа како не бодреше во текот на целата средба, a ние мораме да остане заедно после овој тежок пораз"

Тимур Дибиров - играч на Вардар
„Не очекувавме дека ќе биде ваков резултат, но мораме машки да го примиме. Пред натопреварот реков дека сакаме да видиме до каде сме и тоа се виде на теренот. Денеска за нас навиваа сите и во сала и пред ТВ приемниците и имавме голема поддршка. Сепак, не успеавме. Во вториот дел се обидовме да направиме кам-бек, но во моментов очигледно не сме подготвени за такви работи. Доколку некој промаши една-две топки не е критично, сепак, кога ќе се промашат десетина топки тогаш нема како да се обезбеди нешто повеќе. Ландин бранеше добро, но и ние самите промашивме многу шутирајќи во статива или над голот. Ќе мораме да анализираме и да видиме што се случи на теренот".

Филип Јиха - тренер на Кил
„Изненадени сме од играта и од резултатот кој беше постигнат во првите 30 минути кој е многу висок. Сепак, имавме добра игра и благодарение на одбраната 5-1 и на голманот Ландин што ни овозможи лесни голови. Во вториот дел Вардар играше со двајца ракометари напред и тоа ни создаваше проблеми. Тешко се снаоѓавме, но разликата од првото полувреме беше доволно голема и таа го одлучи победникот".

 

недела, 13 октомври 2019 - 12:08