Едно добро полувреме во Барселона недоволно за бодови

Вардар не успеа да се врати со бодови од Барселона, иако според прикажаната игра во првото полувреме имаше реални шанси да се радуваме. На крајот од мечот на неделата домашните ракометари се радуваа на триумфот од 34-26 (16-15). По осум одиграни натпревари во А групата од Лигата на шампионите Вардар е на четвртото место со 10 бода, исто колку и Рајн Некар, два помалку од Кјелце и четири помалку од лидерот Барселона.

Средбата во Шпанија беше решена на почетокот на второто полувреме. Во тој „црн период" за нас, за 15 минути постигнавме само три гола. Имавме многу загубени топки и не реализирани напади, а од друга страна примивме многу голови од контри. Барселона максимално го искористи овој период на наша лоша игра, и направи „плус 10" за водство 28-18.

Имавме добар почеток. На водството на Барселона брзо возвративме, па и поведовме. Покажавме дека можеме не само да парираме, туку и да наметнеме наша игра. Одбраната беше добра, Милосављев на ниво на ное сме навикнати да го гледаме, а на моменти проработеа и топовските удари на Борозан.

И сѐ беше добро до самата завршница. Дисингер заработи исклучување, но ние и со играч помалку постигнавме гол во последниот напад. Барселона одигра исто така брзо, возврати и замина на одмор со еден гол негатива. Играта на Вардар ветуваше, но требаше да се издржат и вторите 30 минути.

А токму на тие втори 30 минути „паднавме". Немавме одговор на брзите контри на Барселона. Имаа двоцифрен број на реализирани голови од ваква ситуација, и покрај тоа што Милосављев исто така имаше двоцифрен број на одбрани. Паднавме во темпото, и не беше страшно што во одбрана бевме просечни, туку што во нападот немавме идеја како да ја пробиеме противничката одбрана.

Во Вардар прв стрелец беше Иван Чупиќ со пет гола. По четири имаа Дисингер и Кисељев, а трипати прецизен беше Вуко Борозан.

Следниот меч ракометарите на Вардар го имаат в сабота во Белорусија и му гостуваат на Мешков Брест.

сабота, 17 ноември 2018 - 20:54