Двојна програма на Вардар - два меча за два дена

Ретко кога Вардар играл два натпревари за два дена во две различни натпреварувања. Сега тоа ќе се случи, и во недела „црвено-црните" се домаќини на Мешков во ЕХФ лигата на шампионите (недела, 17 часот - СЦ „Јане Сандански") а веќе следниот ден, понеделник повторно ќе играме, само во СЕХА Газпром лигата против Војводина (понеделник, 20,15 часот).

Проблемите со повредените ракометари ќе решат со каков состав ќе настапиме на средбите. Особено важен е дуелот со Мешков во ЕХФ лигата на шампионите. По двата порази ни требаат бодови за останување во горниот дел од сезоната. По пет одиграни натпревари Вардар има три победи, а нашиот ривал Мешков има една победа.

Дуелите со Мешков последниве години се класика, со глед на тоа што меѓусебе игравме и во ЕХФ лигата на шампионите и во СЕХА Газпром лигата. Сезонава не сме во иста група во СЕХА лигата, па ќе ни останат само настапите во ЛШ. Таму традицијата е на наша страна, од четири натпревари на два победил Вардар, а по еден завршил нерешено и на еден се радувал Мешков.

„Екипата на Мешков Брест е квалитетна и тоа го докажа и минатата година во сите натпреварувања. Ние се подготвуваме за овој меч и очекуваме добра игра и наша победа. Преку ноќ не можеме да дојдеме до промена. Потребно е повеќе време за да направиме промени. Ако сакаш набрзина тогаш може да се направи лошо за тимот. Секој од нас сака да дојде до победа. Тоа ни е главната цел и така ќе одиме и понатаму", изјави Едуард Кокшаров, тренерот на Вардар.

Последниот дуел со Мешков во ЛШ го одигравме лани во ноември кога на гостински терен игравме нерешено 31-31, а три недели претходно во Скопје победивме со 30-23.

„Имавме два тешки меча во Лигата на шампионите и два тешки порази. Имаме доста проблеми со повредени играчи и не чека нов тежок дуел. Уште не се знае кој ќе игра, но наше е да излеземе на терен, да се бориме и да се обидеме да дојдеме до победа", изјави Стојанче Стоилов, капитенот на тимот.

Стоилов и на претходните две средби беше во тимот, но не играше. Сега тој тренира во екипата и можно е да биде и во игра на дуелот со Мешков. Но, поголема главоболка за Кокшаров се повредите на некои други ракометари.

„Атман и Горпишин имаа повреди и денеска ќе имаме информација што е и како е со нивните повреди. Се надевам дека барем Атман ќе биде во состав. Што се однесува до Стоилов тој имаше операција и долго заздравување. Му треба некое време за да влезе во ритам и во форма. Мислам дека тој е подготвен за да може да игра и да помогне на екипата. Сепак, треба време и знам дека секој играч сака да биде на терен. Нема да форсираме и ќе одлучиме со докторите кои играчи ќе можат да бидат на терен", вели Кокшаров.

 

Во понеделник вардарци ќе играат и во СЕХА лигата, против Војводина. На тој дуел нашиот тим е апсолутен фаворит, но и тоа треба да се покаже на терен. Во СЕХА лигата се бориме за првото место во групата што би ни донело д абидеме слободни во осминафиналето и потоа во четврт-финале да бркаме пласман на Ф4 турнирот.
Овој дуел сигурно ќе биде шанса и за помладите да добијат минутажа.

„Војводина е екипа која мораме да ја победиме. Играме дома и сме фаворити. Играчите кои го носат товарот цела сезона ќе одморат на овој меч, па ќе остане простор за младите да одиграт и да покажат дека можат повеќе за да обезбедиме уште една победа", изјави Стоилов.

Иако првично треба да се мисли на Мешков, во стручниот штаб треба да бидат подготвени и за она што следи во понеделник.

„Знаеме дека Војводина е една од најдобрите екипи во Србија и дека формата им оди во нагорна линија. Очекуваме добра игра в понеделник. СЕХА-лигата ни е како подготовка за натпреварите од Лигата на пампионите. Секоја екипа има свои планови на овие средби, но и ние имаме свои. Така што одиме на три бода", изјави тренерот Едуард Кокшаров.

Средбата против Војводина се игра в понеделник од 20,15 часот, а ова е натпревар од 5. коло.

Во продажба се билетите за двата натпревари. Истите може да се купат на билетарницата на СЦ „Јане Сандански" или он лајн преку www.ticketplus.mk

 

сабота, 2 ноември 2019 - 10:45