Дибиров: Ќе бидеме се подобри со секој натпревар

За Вардар 1961 годината почна со победа против Војводина во СЕХА Газпром лигата, а за два дена повторно во Скопје ќе има дуел од регионалното натпреварување. Во СЦ „Јане Сандански" гостува тимот на Нексе и во понеделник во 20,15 ч. играат меч од групната фаза од СЕХА лигата.

Вардарци за овој дуел во комбинација ќе го имаат и новиот играч Васко Шеваљевиќ кој во меѓувреме го засили Вардар 1961.
Двата тим редовно се среќаваат во СЕХА лигата, а лани се сретнаа во четврт-финалето. Вардар 1961 во март победи на гостувањето во Хрватска со 31-30, но во реваншот загубивме со 25-26. Поради повеќето голови постигнати на гостински терен Вардар 1961 се пласираше на финалниот турнир во Задар.

Левото крило Тимур Дибиров на средбата со Војводина ги изведуваше само пеналите и влезе во игра последните неколку минути откако на повреда се пожали Димитар Димитриоски. Сега рускиот интернационалец со македонски пасош ќе биде подготвен за дуелот со Нексе што ќе биде генерална проба пред заминувањето за Португалија на дуел со Порто.

„Очекувам тежок натпревар против Нексе, затоа што последен пат не одигравме добро и на начин на кој посакуваме. Сега сакаме да покажеме друго издание за разлика од почетокот на сезоната. Дали е предност или не, што Нексе има нов тренер, и дали ќе има промени на играта. Ние сме подготвени на старата тактика, но сигурно дека ќе има нешто ново од стилот на Тамше. Не очекува квалитетен натпревар, но наша работа е да го наметнеме нашиот стил на игра и на секој натпревар да стануваме се подобри. Среќни сме што сме на терен, за нас секој меч е големо задоволство затоа што за нас како спортисти тоа е многу важно. Со нетрпение го чекаме дуелот со Нексе за да видиме до кај сме", изјави Тимур Дибиров.

Вардарци ќе бидат комплетни на утрешниот тренинг со доаѓањето на Иван Чупиќ. Голманот Марко Кизиќ се враќа во тимот исто така откако заврши периодот во карантин.

„Драго ми е затоа што сме пак заедно, репрезентативците се вратија, го чекаме уште Чупиќ кој ќе пристигне наскоро. Немаме проблеми со повреди, освен со Дисингер, но знам дека ќе заздрави брзо. Не чека натпреварот со Нексе, доаѓањето на новиот тренер нема да промени премногу, само два дена е со тимот. Се познаваме со нив, тие знаат за нас скоро се, Нексе е квалитетна екипа. и сигурен сум дека ќе следи еден интересен натпревар што ќе биде добра увертира за ЛШ", вели Ловро Јотиќ средниот бек на вардарци.

 

сабота, 30 јануари 2021 - 20:00