Дибиров го најави дербито со Кил: Ова ќе биде меч за уживање за публиката

Средбата ќе се игра пред распродадената сала во СЦ „Јане Сандански" каде ќе има над 5.500 навивачи кои ќе го бодрат Вардар кон четвртиот триумф сезонава во лигата на шампионите.

Иако ЕХФ не го одбра, дуелот меѓу Вардар и Кил е еден од дерби средбите од 4. коло на ЕХФ лигата на шампионите. Во сабота во Скопје (17,30 ч. СЦ „Јане Сандански") на терен ќе бидат екипи што заедно имаат освоено пет шампионски титули. Вардар двапати беше првак на Европа последниве три години, а Кил сезонава влезе меѓу Топ-16 екипи со вајлд карта на ЕХФ. Германскиот тим трипати беше европски првак во перидот од 2006/2007 до 2011/2012 сезона.

Вардар и Кил досега шестпати играле меѓусебе во ЕХФ лигата на шампионите. „Црвено-црните"двапати победиле, последен пат лани во четврт-финалето. Тогаш поради повеќе голови во гости се пласиравме на Ф4 турнирот во Келн. Со „зебрите" игравме и на Суперглоуб сезонава , и тогаш во полуфиналето загубивме со 30-34.

Кил сезонава имаше мали промени во играчкиот кадар, само три заминувања и исто толку нови грачи. Нов е и тренерот, Филип Јиха, поранешен играч на клубот кој беше дел од златната генерација на тимот и во периодот 2007 - 2015 освои вкупно 21 титула во неколку различни натпреварувања. Откако во 2017 година ја заврши кариерата во Барселона с еврати во Германија и беше помошник на Алфред Гисласон и сега ја презема тренерската функција.

Сезонава Кил уште во првото коло загуби бод на домашен терен од Кјелце, а потоа имаше две победи по ред, против Мешков и особено импресивна беше нивната игра на гостувањето кај Веспрем каде Германците победија со 37-31.
На вечната листа на ЕХФ во лигата на шампионите, екипата на Кил се наоѓа на третото место со 186 победи во 279 натпревари.

„Ова е многу важен натпревар за нас и на некој начин ова е меч на сезоната за нас. Ние одигравме многу тешка средба на гостувањето кај Монпелје, но тоа беше старт на сезоната. Сега го играме првиот тежок натпревар на домашен терен. Кил е многу добра екипа и голем клуб, која игра одличен ракомет. После Супер глоуб турнирот Кил ја крена формата. Сепак, ние играме во Скопје и очекуваме многу пред нашите навивачи, вели Давид Писонеро, тренерот на Вардар.

И за оваа средба во составот нема да бидат Стојанче Стоилов и Ѓозе Толедо поради повреда. Кристијан Дисингер имал мала настинка, но тој секако ќе биде подготвен за саботниот меч.

„Повеќе се плашам кога играме со екипи на пониско ниво бидејќи тогаш има нешто што недостига и има работи кои може да не ги направиме. Може да недостига мотивација на пример. Сепак, кога доаѓа екипа како што е Кил тогаш сме среќни и има право да излезам со такво расположение. Во ваков меч може да се случи сè. Ние сме подотвени, а на Кил останува да покажат кои се. Ние знаеме кои сме и знам дека ова ќе биде уживање за сите навивачи и професионалци во нашиот спорт, како и за сите експерти. Возбудени сме и очекуваме на овој натпревар да покажеме кој е кој на терените", вели Дибиров.

Во продажба се уште малку билети за стоење за натпреварот со Кил, кои може да се купат преку www.ticketplus.mk.

 

четврток, 10 октомври 2019 - 14:54