Демант на објавен текст

До редакцијата на sport1.mk

Во текстот објавен на Вашиот медиум вчера, на 12.02.2020 година со наслов ,,Самсоненко имал шанса да го спаси Вардар – но одбил!'' имавте изнесено целосно невистинити и непроверени информации веројатно базирани само на шпекулации. За ова прашање Вие како медиум не се обративте да побарате став или одговор на прашањата од нас туку целосно непрофесионално изнесовте информации кои во јавноста предизвикуваат погрешна слика за ситуацијата.

Г-дин Сергеј Самсоненко во негово лично име, а со цел транспарентно и точно информирање на јавноста во продолжение го изразува својот став и ги демантира Вашите објавени информации:

,, Најостро ги осудувам и целосно ги отфрлам неточните информации кои беа објавени во текстот на Вашиот медиум. Тврдам дека истите се базирани само на непроверени шпекулации кои кружат со цел да наштетат како на мојот личен углед така и на угледот на РК Вардар. Мој став и одговор на Вашите прашања не беше побаран, но јас сега од Вас одговорно барам докази за невистинитите тврдења кои ги објавивте за двете наводни понуди – сериозни и крупни опции за излез од кризата на колективот Вардар кои јас, од според Вас лични причини сум ги одбил. Сметам дека е недозволливо за еден медиум непроверено и непотврдено да изнесува невистинити и истовремено целосно дискредитирачки информации во јавноста''.

Ве известуваме дека согласно член 8 став 1 од законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета ( Службен весник на РМ бр.143/2012) ,, за клевета одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, пред трето лице изнесува или пренесува невистинити факти што се штетни за неговата чест и углед...,, Согласно став 2 од истиот член ,, Одговорност за клевета постои и ако невистинитото тврдење содржи факти штетни за угледот на правно лице...,,

Во таа насока, согласно член 13 став 1 од законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета бараме да се извините за изнесените клевети и навреди и јавно да ја повлечете објавата. Бараме извинувањето, повлекувањето како и овој демант да го објавите на исто место и на ист начин.

Истовремено, Ве информираме дека стоиме на располагање да ни се обратите и да дадеме одговори на Вашите прашања со цел понатамошни Ваши точни и прецизни објави во јавноста.

 

 

четврток, 13 февруари 2020 - 16:59