Дејан Манасков го засили Вардар

Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков е нов член на Вардар и по пауза од шест години повторно го облекува „црвено-црниот" дрес. Вардар го засилува тимот со искусен играч на позицијата лево крило кој зад себе има настапи во неколку европски екипи и настапи на ЕП и СП со репрезентацијата на Македонија.

Вардар добива брз, прецизен и искусен играч со големо меѓународно искуство со што екипата повторно гради силен, респектабилен и конкурентен тим и за сезонава. „Црвено-црните" полека го градат тимот со кој и сезонава ќе атакуваат на двојната круна во домашното првенство.

Манасков во Скопје доаѓа по неколкуте сезони минати во унгарски Веспрем каде беше еден од најдобрите стрелци на клубот со над 540 голови на над 160 натпревари. Претходно настапуваше за екипите на Борец Велес, Металург, Вардар, Вецлар, Рајн Некар и на крајот во Веспрем.

Вардар летово ги задржа и потпиша нови договори со сите македонски ракометари кои настапува, а
Манасков е третото засилување за Вардар во новата сезона, по Милан Лазаревски и Андреј Добрковиќ.

По извршените лекарски прегледи Манасков ќе се приклучи на тимот и ќе тренира во Скопје, а официјалното деби за Вардар сезонава треба да го има на турнирот во Струга што треба да се игра од 16 до 20 август.

Вардар на 23 август го игра натпреварот со Нексе како дел од четврт-финалето на СЕХА лигата во Скопје и ќе се бори за пласман на Ф4 турнирот во Задар. „Црвено-црните" се единствениот тим во СЕХА лигата што на терен избори пласман на сите досегашни Ф4 турнири на СЕХА. Лани, поради корона протоколите иако на терен го елиминира Загреб, сепак не му беше дозволено да игра на турнирот.

сабота, 30 јули 2022 - 11:30

Share on Facebook