Децата од ПОУ Иднина се нашите нови навивачи

Нашиот осми играч на последниот натпревар беа девојчињата и момчињата од ПОУ Иднина, кои присуствуваа на мечот од СЕХА Газпром лигата против Извиѓач. Ова е втора дружба на ракометарите на Вардар со децата, откако месецов ги посетивме и во нивното училиште.

Над дваесеттина деца го гледаа мечот од трибините, додека една група од седум деца за време на полувремето се симнаа на теренот и си подаваа топки со нашите млади ракометари од Вардар Јуниор. Децата особено се воодушевија кога пред голот застана и голманот Марко Кизиќ, кој потоа и бранеше во второто полувреме и имаше 4 успешни одбрани. Нивните лица светеа толку силно од среќа, што дури и очите им беа насмеани. За неколку моменти беа дел од магијата на спортот, од шампионскиот сон на Вардар, и имаа и можност да постигнат гол додека пред нив бранеше професионалец.

Децата одлично се вклучија на мечот. Навиваа и аплаудираа кога вардарци ќе постигнеа гол, и се радуваа заедно со останатите навивачи, покажувајќи дека секоја активност за нивна инклузија е добредојдена и силно посакувана.

За многумина од нив ова беше првиот натпревар на кој присуствувале, а возбудата дека ќе одат заедно со
другарчињата на меч на Вардар, директорката на ПОУ Иднина Лорета Андреевска вели дека траела со денови, откако ја добиле и поканата.



„Само за натпреваров се разговараше во изминатите денови. Беа пресреќни, возбудени зашто знаеја дека ќе одат на натпреваров. Некои од нив не биле во спортска сала од овој тип и посебно последнава недела многу поставуваа прашања со кого ќе бидат тука, што ќе прават тука, дали ќе бидат истите ракометари што дојдоа кај нас во училиштето. Се обидовме да ги подготвиме, но не можевме да им го доловиме моментов. Денеска се подготвија, си ги облекоа маичките, ги ставија шалчињата и дојдоа да навиваат. Следниве денови ќе си прераскажуваат, ќе направиме и ликовни работилници и ќе цртаат како тие ова го доживеале и потоа ќе направиме и мала изложба во нашето училиште. Комотно им е денеска во салата, има публика, светло е силно и тоа ги привлекува. Сигурно ќе сакаат повторно да дојдат", вели директорката Андреевска.

Едно од момчињата кои беа на теренот и шутираа со топките кон Кизиќ е момче со аутизам, но атмосферата во салата го предизвика да покаже интерес за случувањата и да се вклучи во играта. Неговата мајка, Ирена Лозана ни кажа дека синчето Кан сам покажал желба да се симне кај голот иако првпат доаѓа на ракометен натпревар.



„Очекувам дека ова нема да биде последен натпревар за нас. За децата отворивме нова можност, можеби некои од нив и ќе се најдат на некој начин во спортот. Кан денес ракоплеска заедно со останатата публика, се радува и гласно навива зашто и другите тоа го прават во салата. Можеби не му е јасно кој тим е наш, но се облече во црно зашто и нашите ќе биле во темен дрес, виде како изгледа теренот и изрази желба да се симне доле и да фрли топка. Се фасцинираше од мониторот над теренот и се гледаше во него како изгледа додека се шета доле. Првпат доаѓаме на натпревар и мислам дека пак ќе сака да дојде. Интересно е, убаво искуство кое веќе на децата им пружи нова димензија на однесување", вели Лозана.



Таа е вклучена во проектот „Инклузија плус" со цел да се подигне свеста за потребата од вклучување на децата со посебни потреби во секојдневните социјални активности. Дел од тие активности е и обележување или адаптирање на објекти за да бидат инклузивни за дечињата.



„Досега сме биле поизолирани, не само ние туку и другите семејства. Дел од децата се многу сензорно осетливи, особено децата со аутизам и секогаш било прашање дали ќе може да издржат во ваква средина, сега гледам дека Кан не може цело време да седи на столчето, но добро се однесува и покажува интерес. Битно е родителите да видат дека децата можат и се разбира не мора да останат цел натпревар, но убаво е да се вклучат. Тука се учи еден аспект од социјалното однесување што не се учи во училиште. Спортот е една сосема нова категорија која еве за децата со аутизам отвора нови можности да разбере како се однесуваат луѓето на натпревар, што се случува на теренот", објаснува Лозана.

Повеќето деца останаа и го изгледаа целиот натпревар и се надеваме дека повторно ќе ги видиме во салата во СЦ „Јане Сандански".

четврток, 29 ноември 2018 - 11:45