Даниел Јуришиќ: За успех треба работа и многу одрекување

Даниел Јуришиќ е дел од семејството на Вардар од самиот почеток. Работеше и со женската екипа на Вардар со која стигна на Ф4 турнирот во Будимпешта, иако најголемиот успех го постигна со мажите кога стана европски првак во 2017 година. Добро познат во спортските кругови Јуришиќ зад себе има и олимписко злато, со ракометната репрезентација на Хрватска од 2004 година, и уште четири медали, и по две сребрени од ЕП и СП.

За да може тимот да ги издржи сите напори во текот на сезоната потребно е да биде добро тактички но и физички подготвен. Секоја замислам на тренерот може да се исполни ако ракометарите можат да го издржат темпото што тренерот или пак противникот ќе го наметне. Ако имаш сила полесно се спроведува тактиката, полесно се спротивставуваш и тогаш ја покажуваш сопствената супериорност

За разлика од оние од стручниот штаб што седат на клупата за време на натпреварот секоја екипа има и свои „луѓе во позадина". Тие се грижат за многу други работи, а една од нив е физичката кондиција.
Кога тој го почнува тренингот тогаш сите знаат дека ќе има „набивање кондиција". Понекогаш не се расположени што наместо со топка ќе трчаат во круг, ќе прескокнуваат, ќе спринтираат. Но, сето тоа е дел од една цел, да се биде најдобар.

Даниел Јуришиќ е дел од семејството на Вардар од самиот почеток. Работеше и со женската екипа на Вардар со која стигна на Ф4 турнирот во Будимпешта, иако најголемиот успех го постигна со мажите кога стана европски првак во 2017 година. Добро познат во спортските кругови Јуришиќ зад себе има и олимписко злато, со ракометната репрезентација на Хрватска од 2004 година, и уште четири медали, и по две сребрени од ЕП и СП.

* Почетокот на сезоната е период кога малкумина спортисти па и ракометари го сакаат пред се поради фактот што тогаш се работи на физичка подготвеност а малку или речиси малку со топка. Колку сте вие во тој период омилени кај ракометарите?
- Вистинските спортисти знаат дека тоа им треба и треба да го одработи тој период, еден месец или пет седмици додека дојдат натпреварите. Во ракометот почнуваме од крајот на јули и подготовките траат до крај на август или почеток на септември. Во принцип ракометарите, па и спортистите повеќе сакаат теретана отколку трчање, иако во принцип потребни се и двете.

* Што е важно за секој спортист да биде физички подготвен за она што го очекува во текот на сезоната.
- Во принцип се работи во текот на целата сезона. Не се само тие четири или пет седмици подготовки. Во текот на сезоната потоа треба да се одржува кондицијата. Зависи многу и од главниот тренер, колку тој ќе ти дозволи до текот на сезоната да работиш на кондиција. Но, ние се одржуваме во текот на сезоната. Затоа работиме едно трчање неделно и плус два пати теретана. Плус некои ракометари дополнително доаѓаат во теретана.

* Што е функцијата на кондициониот тренер во еден тим?
- Да ја подготви екипата кондиционо за да може да ги издржи напорите на секој натпревар. Секогаш размислуваме како да му овозможиме на клубот, на тренерот да има максимално подготвени играчи. Но, ќе ви откријам една тајна. Пред првиот Ф4 турнир во ЛШ во Келн кога станавме европски прваци имавме речиси еден месец врем за подготовка. Тогаш направивме едни мини подготовки, и тргнавме од „нула". Успеавме во тоа и игравме и плус македонска лига. Играчите едвај одеа, првите десетина дена беа навистина пеколни. Но, ја остваривме целта.

* Има ли некоја тајна да се биде во топ форма? Физички предиспизиции на спортистот, спортски живот или пак само работа?
- Треба работа и само работа. Нема волшебно стапче. Мора да се одрекуваш од многу работи.

* Колку и какви современи методи на подготовка се користат, или повеќе сте приврзаник на „старата школа".
- Секоја година има нешто нов и во подготовките и во тркачкиот дел и во фитнесот. Пред „сто години" имаше тренирање шипка, се работеа бенчови и клекнувања. И тоа сега се работи. Но, тоа што доаѓа како новина, доаѓа и минува. Беше едно време крос фит актуелен, па аеробик и многу други работи. Но, тоа минува. Нема стари и нови работи. Јас во 2004 година со Хрватска бев олимписки првак. Ние со Вардар подготовките за Ф4 во Келн го работевме по таа „стара програма".

* Има ли поврзаност меѓу спортските повреди и физичката подготвеност?
- Имав случаеви во мојата кариера да има супер подготвени спортисти, но сепак се повредуваат. Не само ракометари, туку и други спортисти со кои сум работел. Има нешто во тоа, но не е пресудно. Можеш да бидеш супер подготвен, па пак да се повредиш.

* Колку ракометарите ги сакаат ваквите физички подготовки?
- Ако го поделиме на тркачки дел и на сила, повеќе сакаат теретана отколку суво трчање. Се зависи од играчот, секогаш повеќе сакаат да работат во теретана.

* Кој од ракометарите е највреден и никогаш не забушава?
- Тешко е да се каже дали некој работи, а некој не. Сите се трудат и работат максимално. Барем десетина играчи има тука кои дополнително работат на себе. Веројатно и Роналдо и Меси забушаваат на некои тренинзи. Некогаш едноставно ти доаѓа да не работиш максимално. Но, можам да издвојам на пример дека Мораше е меѓу најсилните, а Дибиров, Шишкарев и Карачиќ се меѓу најбрзите. Иако, пак велам сите работат максимално.

* Работеше и со женскиот и со машкиот клуб на Вардар? Колку е различно да се работи со машки и со женски?
- Мене ми е полесно да работам со машки. Со женските екипи имам некој страв од повреди. Работев порано со тенисерки, но мислам дека полесно е со машки. Тие полесно го прифаќаат, особено овој потежок дел. Женските се поемотивни и тоа им влијае на работата.

* Колку СЦ „Јане Сандански " нуди услови за спортистите да бидат во топ форма?
- Ова што јас го имам видено во Европа, и што ми кажуваат ракометарите вакви услови нема во Европа. Имаш две сали за тренирање, спа центар, ресторан, супер опремен фитнес, аеробик сала. Барем јас не знам дека има некаде нешто подобро.

* Работеше и советодавно на физичките подготовки на репрезентацијата на Македонија?
- Двапати работев, за тоа ЕП 2012 и за СП 2013. Во 2012 само напишав како треба да се подготвуваат играчите и тие работеа по таа програма, а потоа бев и за СП во 2013 година, и тогаш бев вклучен во тимот.

* Има ли некои од играчите што бараат дополнителни вежби и сакаат да работата дополнително на физичката подготвеност?
- Има доста кои тоа го работат и го сакаат. Во Вардар има многумина кои тоа го прават. На пример во таа 2017 година, од 16 ракометари дури 12-тина постојано доаѓаа дополнителни на тренинзи. Па така е и сега. Кога ќе речам утре е слободен ден, но кој сака може да дојде во теретана доаѓаат најмалку осуммина.

Дали е Вардар спремен за она тоа го чекаат пролетва?
-Имаме доста повредени, и тоа зависи кога сите ќе бидат подготвени. Но кога се игра осминафинале и четвртфиналето на ЛШ. Мислам дека во април можеме да бидеме многу опасни. Се надевам дека до април, и Горбок и Мораеш и Борозан ќе бидат во топ форма. Февруари може да биде малку критичен.

 

понеделник, 28 јануари 2019 - 09:35