Борко Ристовски и Марко Мишевски до крај на сезоната во дресот на Вардар

Двајца нови играчи од денеска ќе бидат на располагање на тренерот Стевче Алушовски и до крајот на сезоната ќе го носат дресот на Вардар. На голманската позиција доаѓа репрезентативецот на Македонија, Борко Ристовски, а на бековската позиција „старо-нов" играч е Марко Мишевски.

И двајцата и во минатото беа дел од Вардар, а сега потпишаа договор за соработка до крај на оваа сезона. И двајцата денеска ќе го имаат првиот тренинг со екипата.

По шест години играње во странство репрезентативниот голман Борко Ристовски (37) повторно ќе го облече дресот на Вардар. Претходно двапати беше дел од Вардар, и тоа во периодот од 2001 до 2003 година, и во периодот од 2010 до 2012 година. Зад себе има огромно играчко искуство со играње во различни лиги. Настапувал за екипите на Работнички, Југ, Македонија, Металург, Теукро, Алгесирас, Гумерзбах, Ал Ахли, Кретеј, Рајн Некар и Барселона. Последен клуб за кој настапуваше Бенфика од Португалија.

Двапати беше шампион на Македонија со Вардар и двапати гоосвојуваше Купот, а титули има и со екипите на Рајн Некар и Барселона.
Од 2009 година постојано е дел од сениорската репрезентацијата на Македонија и играше на сите ЕП и СП, со исклучок на СП 2017 година. беше дел и од младинската репрезентација на Македонија што го освои 4 место на ЕП 2002 година во Полска.

По само неколку месеци минати во тимот на Гренобл, Франција во Вардар се враќа и Марко Мишевски. Потекнува од школата на Вардар каде играше во помладите категории. Тој лани беше дел од тимот што стигна до европската титула во Келн, иако со помала минутажа на теренот. Левиот бек лани играше и во СЕХА лигата, и заедно со екипата на Вардар го освои трофејот, а во јануари беше дел од репрезентацијата на Македонија што настапи на ЕП во Австрија.

Вардар во недела гостува кај Нексе на првиот четврт-финален натпревар од СЕХА лигата, а потоа во втората половина од месецот треба да ги игра и двата натпревари од осмина-финалето на ЛШ против ПИК Сегед.

 

понеделник, 2 март 2020 - 12:30