Бодовите од Брест ни беа на дофат, но домаќинот беше посреќен на крајот

Во првото коло од ЕХФ Лигата на шампионите, од гостувањето од Брест се враќаме без бодови, но поради неколку грешки на крајот не успеавме да се радуваме на позитивен резултат. Голманот Борко Ристовски имаше 12 успешни одбрани, а Марко Вујин шестпати ја погоди противничката мрежа.

Играта постојано се подобрува, формата оди во нагорна линија и нијанси и неколку грешки во последните моменти од средбата беа пресудни што не се враќаме со бодови од Белорусија. Имавме и негатива од четири гола на почетокот на второто полувреме, но го покажавме препознатливиот победнички карактер, непоколебливост и мотивот да се биде победник. И од негатива стигнавме до водство 20-18. Во последните десет минути влеговме со самодоверба. Мало невнимание, пад на концентрацијата беа доволни да се сруши она што го градевме.

На неполни две минути до крај на средбата имавме предност од 22-21 и напад за предност од два гола. Наместо речиси да го решиме моментов дека ќе се вратиме барем со еден бод, му дозволивме на домаќинот да се врати во игра и преку Паниќ да израмни. Веќе тоа беше игра на нерви, играње на работ на агресивност која може да донесе и многу повеќе. И повторно не реализиравме во напад, а на крај Шкурински погоди за радост на Мешков.

Дуелот во Белорусија покажа дека мозаикот е речиси склопен, дека многу работи се на свое место. Деталите ги решаваат моментите, и токму на тоа ќе се работи. Но, сигурно е дека Вардар 1961 е повторно во игра за големи натпревари, нема предавање и ќе ја „тера" својата игра. Одбраната повторно заврши добра работа, а нападот треба да се подигне уште малку за да може да бидат од бенефит оние 12 одбрани што Борко Ристовски ги имаше на средбата. Седум во второто полувреме, повеќе зицер ситуации и неколку „живи топки".

Добро почнавме во првите десетина минути, игравме „гол за гол", па и водство. Но, двапати кога имавме играч помалку Мешков постигна голови за зголемување на разликата, на 11 -7. На крајот Марко Вујин и Кристијан Дисингер постигнаа три гола во серија за намалување на водството на Мешков на 12-10.

meshkov_-_vardar_zapisnik.pdf 


Најинтересни моменти од средбата


среда, 16 Септември 2020 - 21:23