Бевме толку блиску до бодовите....

Го имавме „во рака" европскиот првак, повеќе од 50 минути бевме во игра, имавме водство, знаевме како да се справиме со ривалот, па потоа дојде падот во играта, промашивме неколку клучни напади, а тоа го казни Барселона која победи со 27-25 (12-15) во 8 коло на Б групата од Лигата на шампионите.

Многу детали, одлуки и спорни ситуации ќе останат за анализирање, но Вардар и покрај тоа што не успеа да победи, од овој дуел излегува поискусен, и со ново знаење како треба да се однесуваме во секоја ситуација, па дури и кога „сите на теренот се против вас". Никого нема да обвинуваме, но овојпат ни требаше повеќе од игра и квалитет, па и среќа за да можеме да се радуваме. Нијансите што решаваат беа на страна на гостите. Поразот ќе не направи посилни, зашто со прикажаната игра заслуживме многу повеќе, не само ние, туку и гледачите кои не бодреа на трибините. Им благодариме што ни дадоа силна поддршка која не носеше во текот

Имавме голема желба и мотивација да им се реваншираме на Шпанците за првиот меч. И така и влеговме во натпреварот, полни со набој, да покажеме дека можеме да играме рамноправно со секој тим, па и со европскиот првак. Одбраната ги затвораше на време сите места, а Арпад Штербик за 11 минути веќе нанижа четири одбрани. Не само што поведовме, туку брзо успеавме да направиме и разлика од 2-3 гола. Кога Лука Циндриќ во 13 минута постигна гол за наше водство 7-3, беше знак за гостинската екипа да побара тајм аут. Тие за привремено најдоа решение како да стигнат до нашиот гол, и тоа преку Лазаров, а потоа Карачиќ и Дибиров повторно ја одржаа разликата на „плус четири" (9-5).

Кога при резултат 10-6, Штербик го одбрани пеналот на Лазаров, во салата повторно беше време за дилириум. Но, наместо да продолжиме во исто темпо, дојде период кога „падна" темпото, а тоа Барселона го искористи максимално, па постигна три гола по ред, за израмнување 10-10. Од тие три гола, два беа од седум метри, а во текот на натпреварот за гостите беа досудени вкупно шест пенали, а за Вардар ниту еден, и покрај тоа што барем десетина пати, мораше да реагира лекарскиот тим поради прегрубите стартови на одбраната на гостите.
Се справивме и со тоа, па иако Барселона во 25 минута успеа дури и да поведе, 11-12, стигна нашиот одговор. Македа и Шишкарев беа играчите што за три минути направија целосен пресврт, постигнувајќи по два гола за водство од 15-12 на полувреме.

И се повтори истата ситуација од Барселона, кога по истекот на регуларното време требаше да се изведе удар од девет метри. Жалуз пак се намести да шутира, но овојпат одбраната не дозволи изненадување. Но, изненадување беше одлуката на судиите да се повтори ударот, а Македа да добие исклучување од две минути. Залудни беа нашите протести. Ударот беше повторен, а Жалуз нималку спортски топката ја упати во лицето на Игор Карачиќ. И тоа остана неказнето.

Второто полувреме повторно го почнавме со наша иницијатива, и во следните 20 минути имавме постојано водство од 2-3 гола. Дури и кога Барселона ќе намалеше на „минус 1„, им враќавме веднаш со гол. Некои пробивања, па и одлуки за пенал беа изненадувачки за публиката која реагираше. И се до 52 минута имавме решение за секоја ситуација, одговор за секоја реакција на Барселона.
При водство 24-23, имавме четири напади што не ги реализиравме. Тоа беше период кога Барселона остана ментално силна, и знаеше да ги искористи нашите технички грешки, па Виктор Томас за две минути постигна два гола. Прво Циндирќ не реализираше при резултат 24-24, а потоа и Шишкарев не успеа да погоди кога Барселона имаше водство од 24-25. Нашата техничка грешка, пак и даде шанса на гостите и тие преку Жалуз и Сипжак зголемија на 24-27. Веќе немаше време за пресврт. Дибиров намали на 25-27, но, немаше време да се вратиме пак во игра.

Во следното коло на 28 ноември Вардар гостува кај Кјелце.

Вардар – Барселона 25-27 (15-12)

Вардар: Штербик (10 одбрани и 3 седмерци), Стоилов, Брумен 1, Тоскиќ 2, Манасков, Милиќ, Македа 2, Карачиќ 3, Душебаев 2, Абутовиќ, Лазаров, Циндриќ 2, Дибиров 3, Горбок 5, Шишкарев 3, Марсениќ 1.
Седмерци: /
Исклучувања: 6 мин.

Барселона: Перез де Варгаз (15 одбрани), Нодесбо, Копљар, Томас 7, Ентрериос 1, Сораиндо 1, Арино, Гурбиндо, Сигурдсон 5, Сипжак 1, Руесга, Оландер, Морос, Јиха, Жалуз 8, Лазаров 4.
Седмерци: 3/6
Исклучувања: 4 мин.

 

недела, 22 ноември 2015 - 20:12