Атанасовски: Не се пропушта шансата да се игра за Вардар

Пикерот Стефан Атанасовски лесно ќе го препознаете на натпреварите на Вардар јуниор. Со курпулентната градба и висина, момчето кое сезонава дебитира во Супер лигата, вели дека една од причините да го одбере ракометот за свој спорт биле успесите на првиот тим на Вардар, но и можноста која не се пропушта – да се вклучи во селекциите на Вардар и да работи со нашите врвни тренери. Атанасовски има 18 години, а пред речиси две години спортската кариера, која ја почнал како кошаркар, одлучил да ја продолжи како ракометар.

Ретко се случува да има ракометар висок над 2 метри. Како Стефан заврши во ракометот?

Од мал се занимавам со спортови, од осум години сум во сала. Тренирав главно кошарка и еден краток период ракомет, но морав да се откажам поради некои проблеми со коленото, кои сега веќе ги нема. Продолжив со кошарка и пред една – две години се одлучив да се вратам на ракометот. Всушност како спорт ракометот од секогаш ми бил поинтересен, а истиот период добив и можност да се вклучам во селекциите на Вардар. А тоа не е нешто што се пропушта, независно од жртвите и темпото на тренинг за да надоместам што ми е потребно за да успеам. На почетокот ми беше малку тешко, но потоа добро ми тргна. Добив и поддршка и од тимот. Најмногу работев на тактика, техника, трчање... Успеав да се снајдам со екипата, да ги разберам очекувањата на тренерите и сега работам да го постигнам она што тие го очекуваат од мене.

Дали досегашните успеси на Вардар влијаеја повторно да се вратиш на ракометот?

Влијаеа и успесите на тимот. Ги следев натпреварите на првата екипа. Многу полесно е да се донесе одлука кога гледаш дека има успеси во тој спорт, и се одлучив да се обидам и да видам како ќе се снајдам. Особено поради мојата градба, мислам дека ракометот многу повеќе ми одговара како спорт. Играм на позицијата пикер.

Лани тренираше со Вардар 2 со тренерот Зоран Петковски, а годинава главен тренер ти е Стојан Петрушевски. Дали си имал можност да тренираш и со Раул Гонзалес?

Вчера имавме тренинг со Гозналес, но и додека бев кај Зоран Петковски имав неколку тренизни со Гонзалес. Според досегашното искуство, тренерите на првиот тим неколку пати во сезоната работат и со останатите тимови, и тоа се одлични можности и за нас играчите колку што можеме повеќе да научиме. Има некоја размена на искуства од која ние се обидуваме да го излечеме најдоброто. Лани имавме тренизни на кои повеќе обраќавме внимание на одбраната, а гледавме и видео проекции за да се види кој играч како игра, како напаѓа, како да се поставиме на 5-1 зона. Додека вчерашниот тренинг беше заедно со првиот тим на Вардар, кој се подготвува за натпреварот со Загреб, потоа гледавме и видео.
Од како сум во Вардар имав можност да работам со многу добри тренери од кои многу научив и сѐ уште учам. Сега сум со тренерот Стојан Петрушевски, со кого и лани имав можност да работам и многу ми се допадна. Еден краток период од околу три месеци имам работено и со тренерот на младинската селекција Слободан Чивлачки, а потоа поминав во екипата на Петковски.

Каде се гледаш за пет години?

Во Вардар се разбира. И тоа во првиот тим.

Сезонава првпат играш во сениорска конкуренција. Досега натпреварите ги гледаше пред Тв или на трибините, а сега ги доживуваш лично на теренот. Можеш ли со зборови да доловиш какво е чуството?

Чувството не се опишува, многу е убаво. Да играш со искусни тренери, да ти укажат каде грешиш и каде да се поправиш, како што рековте тоа се доживува, не се опишува.

Играш на позиција пикер, дали се плашиш од удари?

Не, немам страв. Си ја сакам работата и си ја работам.

Колку е предност што си висок, а колку висината ти одмага во ракометот?

Понекогаш ми помага, но понекогаш многу тешко ми е со движењата. Побавен сум, и сега многу работам на усовршување на моториката и брзината заедно со тренерот Аце Станковски. Она што мене ми е потребно е подобра моторика и на нозе и на раце и работиме на тоа.

Натпреварот со Борец го завршивме без бодови. Играш со млад тим, но дали искуството беше пресудно за ваков резултат?

Одигравме доста добар натпревар и искуството на играчите не влијаеше на резултатот. Во прашање беа некои грешки од страна на играчите, зашто тоа не беше екипа која не може да се победи. Добро игравме и еден период ние водевме со 2-3 гола, но потоа тие поведоа и така заврши натпреварот.

вторник, 17 октомври 2017 - 12:26