Арпад Штербик е играч на месецот во изборот на ЕХФ

Клупските резултати на Вардар во октомври, и особено победата над Барселона со што го задржавме лидерското место во група А во лигата на шампионите донесе и едно големо индивидуално признание. Нашиот голман Арпад Штербик е избран за играч на месецот од страна ЕХФ и нејзиниот медиа пул.

Штербик беше во конкуренција за наградата заедно со Енди Шмит од Рајн Некар, Сандер Сагосен од ПСЖ, Вуко Борозан од Вардар и Момир Илиќ од Веспрем.

„Кога бев млад индивидуалните награди многу ми значеа, а како што минува времето повеќе се фокусирам на тимскиот успех. Ако се земе предвид дека набрзо ќе наполнам 38 години и има многу добри голмани во ЛШ, се разбира дека е убаво чувството да се биде избран за играч на месецот. Имавме тешки натпревари во октомври, бидејќи имавме противник во ПИК Сегед на ниво како нашето, и секој тим има потешкотии кога игра таму. Од друга страна никогаш не знаеш што можеш да очекуваш на средба против ППД загреб, но нашата предност е што игравме во „Јане Сандански" и имавме направено детална анализа на противникот пред мечот.

Особено важна беше победата против Барселона во Скопје, а токму Арпад Штербик беше еден од клучните играчи на тој натпревар. За првпат ја победивме Барселона во меч од ЛШ одигран во Скопје, а вторпат во меѓусебните дуели.

„Победата против Барселона ни значи многу, и за задржување на првото место во групата. Според експертите ние сме меѓу фаворитите сезонава, но од искуство можам да кажам дека фаворитите се менуваат со време. Имаме добра серија, па дури и да завршиме први во групата пото апак ќе ни биде тешко. Одиме чекор по чекор, го анализираме секој ривал. Нашата цел е да дадеме сѐ од себе на секој меч, и се разбира сакаме да играме во Келен и да се сретнеме со некои големи ривали таму, вели Штербик.

Во изборот за најдобра ракометарка првото место и припадна на Ана Грос од Мец.

 

петок, 3 ноември 2017 - 16:12